Околу две третини од домаќинствата поседуваат патнички автомобил, додека велосипед околу една третина и мотор само 6,6 отсто. Телевизор во домот имаат 95 проценти од анкетираните домаќинства, персонален комјутер поврзан на интернет – 58,8 %, радио – 19 %, фотографски апарат – 12,7 %, музички уред – 11,8 %, а видеокамера – 2,6 проценти, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2021 на Државниот завод за статистика.
Мобилен телефон имаат 90 проценти од домаќинствата, додека само 23,2 проценти имаат телефон.
Струја, вода и канализација имале сите анкетирани домаќинства, додека телефонски приклучок – 42,5, а централно греење само 13,9 %. Додека сите анкетирани домаќинства имале кујна и бања – 99,2 %, балкон или тераса имале – 89,8 %, гаража само – 30 проценти.
Во однос на снабденоста на домаќинствата со трајни потрошни добра, Статистичкиот годишник за 2021 покажува дека 96,5 % од домаќинствата поседуваат електричен шпорет, 73,8 % шпорет на цврсто гориво, а 4,4 отсто дека поседуваат шпорет на гас или комбиниран шпорет.
Додека 99,3 проценти од анкетираните домаќинства поседуваат фрижидер и 98,4 проценти бојлер, клима-уред поседуваат 39,4 %, а машина за миење садови 27,1 отсто.
Според начинот на загревање на домот, најголем дел анкетирани домаќинства се грееле со печки – на цврсти горива – 80,4 %, на струја – 10,4 % и на течни горва – 0,6 %. На централно греење биле 3,8 проценти од домаќинствата, додека парно со сопствено греење имале 3,5 % на дрва, 0,5 % на струја и по 0,3 % на течни горива и комбинирано.
Во однос на видот на станот во кој живеат, најголем дел домаќинства – 44,7 % живеат во четирисобен или поголем стан, 29 % во трособен, 19,6 % во двособен стан, 3,8 % во еднособен стан, 2 % во посебна соба и 0,6 % во гарсониера. Најголем дел домаќинства 24,8 % живеат во стан 81 – 100 м2, 14,9 % во стан со над 120 м2, потоа 13,2 % во стан 61 – 70 м2, 13 % во стан 71 – 80м2, 11,2 % во стан 51 – 60 м2, 6,7 % во стан 41 – 50 м2, 3,7 % во стан 31 – 40 м2 и 1 процент во стан до 30 м2.
Според основата на користење најголем дел – 95 проценти живеат во сопствен стан, 2,9 % кај некој што се во сродство, а 1,8 % живеат кај закупец.
Од Државниот завод за статистика посочуваат дека податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата”, спроведено во текот на 2020 година. Изборот на 5.040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2002 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање.
Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,65, додека во просек вработени биле 1,26 член. Во просек вкупно расположливите средства по анкетирано домаќинство во 2020 година изнесувале – 479.207 денари или 7.766 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства – 630.246 или 10.214 евра, потоа земјоделските – 483.741 или 7.840 евра, а најмалку неземјоделските 457.634 денари или 7.417 евра годишно.