Вработените во Државниот комунален инспекторат денеска, со задоцнување од три месеци, добија плати. Досега не им се исплаќаа плати оти Инспекторатот немаше директор, кој е единствениот овластен потписник за платите. Пред две недели Владата за директорка на Инспекторатот ја назначи Елизабета Јованчева и најави дека нејзина прва обврска ќе биде потпишување на платата.
„Ни исплатија плати за ноември и за декември, одеднаш, а се подготвува и платата за јануари“, велат вработените во Инспекторатот.
Инспекторатот остана без директор по локалните избори кога дотогашниот вршител на должност директор, Борјанчо Мицевски, стана градоначалник на Крива Паланка. Владата избегна да одговори на прашањето зошто со месеци не назначуваше директор.
Без плати до Нова година беа и вработените во Пазаришниот и во Градежниот инспекторат. Откако најавија дека се организираат за заеднички штрајк, Владата ги смири со ветување дека веднаш по Нова година ќе назначи директори. На почетокот на јануари беа назначени директори на Пазаришниот и на Градежниот инспекторат, но, повторно без објаснување, изоставен беше Комуналниот инспекторат.
На почетокот на јануари вработените во Комуналниот инспекторат алармираа дека освен тоа што доцнат платите, работата им е сведена минимум поради истечените регистрации на возилата, а јавија и за наталожени долгови по различни основи.