До кога ќе трае молкот на институциите околу „Макпетрол“?

Од:

И четири месеци откако анонимната офшор-компанија „Балкан петролеум холдинг лимитед“ објави дека има намера да го преземе најголемиот македонски дистрибутер на нафтени деривати – Макпетрол, државните институции и натаму молчат околу сите аспекти на постапката. Јавноста и натаму ги нема клучните информации – кои се вистинските сопственици на „БПХЛ“, компанијата скриена зад офшор-шемите на Кипар и Британските Девствени Острови, и од каде потекнуваат нивните пари?

Комисијата за хартии од вредност пред точно еден месец, на 19 септември, донесе одлука времено да ја запре постапката за издавање дозвола за преземање на „БХПЛ“, образложувајќи го потегот со тоа дека се чека „решавање на претходно прашање кај друг надлежен државен орган“. Од КХВ, како и дотогаш, не дадоа никакви дополнителни информации за тоа кој државен орган е во прашање, што уште повеќе го засили општиот впечаток дека институциите тактизираат околу целиот случај и кријат информации кои се важни за вработените и акционерите на Макпетрол, како и за сите други заинтересирани страни.

Молкот засега е единствениот одговор и во Централниот депозитар за хартии од вредност, каде според законските прописи, понудувачот треба да ја достави банкарската гаранција за преземањето на акциите. Иако „БПХЛ“ соопшти дека ја доставил гаранцијата од 47.5 милиони евра, од Централниот депозитар тоа не го потврдија, ниту пак дадоа какви било други информации околу валидноста на банкарската гаранција и нејзината важност.

И покрај информациите за сомнителното минато на наводните „инвеститори“ од „Балкан Петролеум“ и наводите за нивна вмешаност во корупција и перење пари, ниту Управата за финансиско разузнавање не се одважи да го истражи потеклото на парите со кои руско-украинската компанија се обидува да го преземе македонскиот нафтен гигант.

Наспроти молкот на домашните институции и тактизирањето околу конечната одлука за нафтената компанија, за случајот со Макпетрол се заинтерсира  Европската енергетска заедница која изрази загриженост и испрати писмо до македонските власти со барање да разјасни некои аспекти од случајот.

Експертите веќе се изјаснија дека ваквиот однос на македонските институции кон овој случај укажува на сомнежи дека некој премолчено дозволува влез на сомнителен странски капитал во домашната економија. Имајќи ја предвид големината на Макпетрол и неговото значење, ваквите заткулисни игри можат да предизвикаат несогледиви последици за македонското стопанство, а цехот од неодговорноста на властите ќе го плаќаат сите граѓани.

Би можело да ве интересира

Признание за „Макпетрол“ како еден од најголемите поддржувачи на СОС Детско Село

Со поддршка од „Макпетрол“ и во Кочани ќе се одржат работилници против врсничко насилство

А1он

Каратистите на „Макпетрол” ја отвораат сезоната со учество на светската лига во Атина

„Макпетрол“: Ученици од 40 училишта се здобија со знаења за врсничкото насилство

Три медали за каратистите на „Макпетрол” на Балканското првенство во Љубљана

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство