Од почетокот на гроздоберската сезона нема ни една пријава за проблеми при откупот на грозјето, ниту од производителите ниту, пак, од преработувачите на грозје. Се почитуваат договорените цени.
Ова го истакна министерот земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски при денешната посета на Кавадарци каде посети откупен пункт за грозје и на лице место се увери дека годинашниов гроздобер поминува без никакви проблеми.
– Можам да кажам дека смедеревката е многу барана годинава, се почитува договорената основна цена од 11 денари за килограм, а согласно на шеќерните единици цената оди нагоре. Иако можно е да се очекува грозјето од оваа сорта да постигнува и поголеми цени, нагласи Димовски.
Министерот кажа дека редовно контактираат, како со производителите, така и со преработувачите на грозје и го нагласи зголемениот извоз на вино.
– Во некои од минатите години винарските визби имаа залихи, но сега целото вино е извезено. Уште во првата половина на февруари целата бесцаринска квота за извоз на вино во Европската унија беше исполнета. Зголемениот извоз ја покачи вредноста на виното од Македонија од 18 на 40 евро центи за литар, па дури и повеќе за некои поквалитетни сорти, рече министерот, нагласувајќи дека повисоките цени го валоризираат македонското вино како квалитетно на пазарите.
Тој посочи дека сите позитивни трендови во лозаро-винарството придонесуваат годинава да има помал извоз на грозје од Македонија. Извезени се околу четири милиони килограми грозје или околу 40 проценти од количините извезени во истиот период лани.
– Со тоа се заштитува домашното призводство на вино, бидејќи ако се извезува македонско грозје од тоа грозје другите ќе направат вино кое ќе му конкурира на македонското. Значи покажавме дека со заедничка стратегија на сите страни се постигнува круна во заедничкото работење, истакна Димовски.
Беше дециден дека е подобро македонското грозје да заврши во домашните винарски визби. За дополнителната мерка од два денара по килограм грозје продадено во домашна винарија ќе се разговара во наредниот период.
– Благодарение на измените во Законот за вино сите винарски визби ги намирија своите обврски кон лозарите, рече министерот.
Во одговор на новинарско прашање кажа дека извозот на земјоделски производи во Русија бележи пораст за 180 проценти.
– Тоа е потврда за исправноста на Програмата која ја креира нашето Министерство за поддршка на компаниите за изложување на саеми низ светот. Една наша винарија има лиценцирано три вина за продажба на рускиот пазар. Нивните шишиња вино ќе се постават на рафт којшто е во висина на очите, во најпрестижната компанија за промет на вино таму. Тоа е голем исчекор, рече Димовски.
Прецизира дека склучените договори за извоз во Русија се реализираат со четири винарии, поради што, како што рече, очекува да биде интензивиран извозот на вино на рускиот пазар.