Зголемена контрола од страна на полицијата за проверка дали се носи заштитна опрема и држи дистанца, најави техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, според кој, зголемена контрола ќе има и над угостителските објекти кои мора да ги почитуваат протоколите на Владата со отворањето на објектите. Протоколите се изработени, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, а пак, Чулев соопшти дека координацијата со полицајците за контролите е веќе направена.
„Протоколот за работа на сите објекти кои што со одлуки на Владата ќе можат да работат, ги носи Комисијата за заразни болести и тие треба да се почитуваат од страна на правните лица. МВР имаше и оперативна координација на која што ги разгледавме идните модуси на дејствување на полицијата, при што во наредниот период ќе бидат зајакнати контролите од страна на Министерството за внатрешни работи во однос на почитување на препораките на Владата за задолжително носење на лична заштитна опрема и држење на дистанца, односно забрана за групирање, со оглед дека веќе нема ограничување на движење и пунктови на полицијата. Во однос на контролата на угостителските објекти, МВР во соработка со инспекциските служби ќе изврши контрола на нивното работење во зголемен обем“, рече Чулев.
Според Бектеши, на една маса во угостителски објект можат да седат до 4 лица, а угостителите ќе работат до 20 часот. Тој кажа дека протоколот го изработила Комисијата за заразни болести, а тие ќе следат дали се почитува.
„Протоколите е точно дека се направени додека имавме вонредна состојба и истите протоколи се усвоени од страна Владата, имајќи во предвид дека таму беше предвидено дека во фази ќе ги отвораме угостителските објекти. Нема некој значителни измени во протоколите од тие кои се доставени до стопанските комори. До 20 часот можат да работат, на една маса можат да седат 4 лица, не мора да бидат од едно семејство. Одлучивме овој пат да го почитуваме предлогот од Комисијата за заразни болести, секако дека ќе ја следиме ситуацијата, како се почитуваат протоколите и препораките што се веќе усвоени на вчерашната седница. Секако дека ако препораките се почитуваат, ќе ги отвораме и тие што се затворени“, рече Бектеши.