Бранимир Јовановиќ: Народна банка ќе ја зголеми сиромаштијата ако продолжи да ги зголемува каматите, а инфлацијата нема да се намали

Од:

Народната банка на Македонија ги зголеми основните каматни стапки трет пат за неколку месеци за да ја заузда инфлацијата, но од јуни наваму пак се бележи раст на побарувачката на кредитите.

Во номинален износ, вкупните кредити во државата во јуни имале раст од 10% во однос на истиот период лани, но во реален износ, коригирано за инфлацијата, кредиите имаат всушност пад од 4,5%.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за „А1он“ вели дека Народната банка мора три пати да размисли пред повторно да ја покачи својата камата затоа што е можно да има зголемување на сиромаштијата.

– Ова се случува во услови кога покачувањето на каматната стапка од страна на Народната банка уште не е пренесено врз каматите на комерцијалните банки – според последните достапни податоци, кои се за мај, просечната камата на новоодобрените кредити е практично иста како во претходниот месец. Потребно е време за повисоката камата на Народната банка да се прелее врз каматите на комерцијалните банки, со тоа што порастот кај вториве веројатно ќе биде и нешто понизок. Но граѓаните и фирмите несомнено ќе добијат повисоки камати, што ќе ги зголеми нивните ануитети кон банките (со исклучок на оние со фиксни камати), а и дополнително ќе ја забави кредитната активност. Ова понатаму ќе значи дека и економската активност ќе забави, а можно е да има и зголемување на сиромаштијата. Затоа Народната банка мора три пати да размисли пред повторно да ја покачи својата камата. Ова зголемување што го видовме досега, од 1.25 процентни поени, нема да има страшни последици по економијата, но ако видиме уште некое покачување, лекот може да се покаже полош од болеста – коментира Јовановиќ.

Тој смета дека намерата на НРБМ е преку повисоката каматна стапка да ја смири инфлацијата, или барем да покаже дека прави нешто околу тоа и тоа е сосема легитимно ако се тргне од логиката дека повисоката камата ќе ја намали побарувачката во економијата, и тоа понатаму ќе ги снижи цените.

– И ова е сосема легитимно, со тоа што овој механизам функционира кога инфлацијата доаѓа од страната на побарувачката, односно кога цените растат затоа што луѓето многу трошат. Моменталната ситуација не е таква. Инфлацијата со која сега се соочуваме доаѓа од страната на понудата, односно е последица на повисоките глобални цени на храната, нафтата и гасот, поради војната во Украина. Колку и да ја покачи Народната банка каматната стапка, цената на нафтата на светските берзи нема да падне, ниту цената на храната. Затоа овие покачувања на каматата се повеќе од симболична природа, колку да се покаже дека Народната банка прави нешто околу инфлацијата, иако е јасно дека тоа нема да има големи ефекти врз цените – вели Јовановиќ.

Јовановиќ вели дека владините мерки не дале ефект и дека Македонија повторно ќе има најлоши економски резултати од сите економии во регионот и тоа е токму поради владината неспособност за справување со инфлацијата.

– Владите мерки дадоа ефект, ама за разгорување на кризата. Како прво, владата целосно потфрли кога е контролата на инфлацијата во прашање – пребрзо се откажа од замрзнувањето на цените, па воведе некое ограничување на продажните маржи, па го укина, па пак го врати… тоа доведе до таков хаос што никој веќе не знае ни што е на сила, ниту пак го почитува тоа и постојано ги слушаме министрите како се жалат дека трговците не ги почитувале мерките. Затоа и инфлацијата достигна 15% во јуни, најмногу во регионот. Како второ, владата тврдоглаво одбиваше, и сè уште одбива, да ги покачи платите во јавниот сектор, небаре инфлацијата е нешто измислено, што направи просечната плата во мај да има годишен пад од 2.3%, што е највисок пак во последните 9 години, и несомнено ќе ја забави економијата. Како трето, владата не обезбеди скоро никаква буџетска поддршка за фирмите и граѓаните кои се погодени од кризава, што повторно ќе биде удар врз економијата – заклучи Јовановиќ.

Бившиот советник за макроекономска политика во министерството за финансии смета дека денарот ќе остане стабилен во следниот период благодарение на девизните резерви кои се на солидно ниво и се повеќе од три милијарди евра:

– Ова значи дека државата има доволно пари да интервенира доколку има потреба. Последниве месеци дури се забележува и апрецијација на денарот, односно зајакнување во однос на еврото – едно евро денеска чини околу 61.5 денари, додека пред три месеци чинеше 61.7.

Би можело да ве интересира

Прво намалување на цените на становите после четири години раст

Орце Костов

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

НБ: Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот

Горан Наумовски

Граѓаните ќе можат бесплатно да проверат колку се кредитно изложени: Нова алатка на Народна банка

Орце Костов

МФ: ММФ го објави извештајот од Мисијата за член IV и ПЛЛ – Економијата зајакнува поттикната од јавните инвестиции, инфлацијата се намалува, се остваруваат фискалните цели

Во Македонија се помалку се плаќа во кеш: Раст од 20 отсто кај плаќањето преку мобилен

Орце Костов