Политика – Белград
Индустријата за дијаманти наскоро ќе се соочи со кризен период, епоха во која луѓето ќе мораат да живеат поскромно, бидејќи цената на скапоцените камења порасна, меѓу другото и поради растот на вредноста на доларот.
Антверпен и натаму е престолнина на трговијата со овој накит, иако светската економска криза го покрена капиталот кон Исток и принуди некои аналитичари за нов центар на скапоцените камења да го именуваат Дубаи. Русија е веќе глобален шампион во вадење на скапоцени камења, а Индија го држи местото на нивна фина обработка, но сега се раѓа можност двете земји конечно да ја подобрат соработката на ова поле. Целта е во меѓусебната трговија на дијаманти, која сега достигнува вредност од едвај 611 милиони долари годишно, во догледно време да почнат да разменуваат стока во вредност од 5 милијарди долари.
Часовникот е цел од дијаманти и чини 40 милиони американски долари. Наспроти фактот дека бројот на мегабогаташите, тие со над 30 милиони долари во оперативна готовина, порасна во последната година на речиси 173.000, за јувелирско ремек дело на британската фирма „Граф“ на неодамнешниот саем на часовници во Базел немаше турканица.
– Баснословно скапиот часовник е многу смел потфат, призна Франсоа Граф, извршен директор на фирма за накит позната по изработка на масивен накит украсен со дијаманти во боја…
Дали скапоцениот часовник заедно со дијамантскиот прстен од 38 карати, ќе заврши во музејот на компанијата, харем во Персискиот залив или во сеф на анонимен белосветски плутократ, не се знае. Имено, како и остатокот од светот, кој според проценка на ММФ, на големо се подготвува за ера на поскромен живот и глобалната индустрија на дијаманти почнува да брои тешки години.
– Наспроти некои рекордни износи, 2014 беше тешка година. Најавеното затворање на Антверпенската банка на дијаманти, деловната неизвесност поради намалената ликвидност, намалените извори за финансирање, намалените профити, високата цена на се поретките небрусени дијаманти и помалиот раст на цената на брусените дијаманти, се основни причини за очекуваниот период, наброи Израелскиот совет за дијаманти.
– Цел сплет на околности се сврте против индустријата за дијаманти, оцени Филип Мелије, извршен директор на „Де Берса“, водечки светски производител на дијаманти по нивна каратна вредност, во изјавата за „Фајненшел тајмс“.
Наглото јакнење на вредноста на американскиот долар, доминатна валута во светската трговија на дијаманти, овој скапоцен камен го направи 20 отсто поскап.
Истовремено, на пазарот на дијаманти расте понудата, не поради поплавата на озлогласените крвави дијаманти, од времето на поранешните војни во Африка, туку поради сегашното нагло осиромашување на многу инвеститори кои пред кризата инвестираа во тој бизнис. А во Антверпен на пример, каде инаку се лоцирани четири од вкупно 25 светски берзи на дијаманти, понудата денес е 10 пати поголема од побарувачката, тврдат актерите на тамошниот бизнис.
Во меѓувреме, посткризната промена на психологијата на мегабогаташите, меѓу нив посебно на американските купувачи на дијаманти, кои во тој поглед спаѓаат меѓу најгалантните, посебно ги загрижува мајсторите на овој бизнис. Изгледа дека агресивното маркетиншко убедување на потенцијалните купувачи дека брусениот камен е исклучително редок и скапоцен симбол на луксуз и непроценлив вечен доказ за љубов, е на сериозен испит, тврди извештајот на „Јунити маркетинг“, кој ги следи навиките на поединци со проесчни годишни приходи над 269.000 долари.
– Луксузот стекна негативна конотација. Јавното мнение се врти против општествените разлики. Не е време за покажување на престиж, порачаа трговците на лускузна стока од другата страна на Атлантикот.
Имено, современите ултрабогаташи, како и тие поранешните, гледаат да пазарат лозја на југот во Франција, дискретни палати во Лондон, скапи јахти и мали млазни авиони, скапоцени женски часовници и дијаманти, по нова мода, најмногу тие обоените. Сепак, најбогатите мажи и жени на овој свет денес се многу повнимателни и јавно не го демонстрираат својот статус, посебно со дијамантите, како што тоа го правеа богаташите пред 2008 година.
Имено, каква е смислата за покажување себеси накитени како елки, ако зад аголот чека таблоид или движење за борба против општествените разлики? Нововековните заштитници на загрозените секако дека на богаташите ќе им забележат во овој момент дека најмалку една милијарда луѓе се гладни, дека секои осум секунди умира невакцинирано дете, додека на Медитеранот секојдневно се дават стотици мигранти, кои ама баш никаде немаат шанса за подобра иднина.
Од избивањето на глобалната финансиска криза во 2008 година, на глобалната јавност и е јасно дека многу пари не е задолжително показател и дека поединецот успеал во животот. Богатите имоти често се попрво симбол на даночни измами, деловни манипулации, матни врски со властите или некој друг општествено неприфатлив марифетлук.
Во врска со тоа, кој сега јавно да го купи часовникот на „Граф“ од 152 карати или дури и далеку поповолната верзија на дијамантски часовник на „Џејкоб енд Компани“, по цена од само 18 милиони долари?