Минстерот Бочварски денеска беше во увид на изградба на социјалната зграда во Кочани, каде се градат 34 социјални станови. Тој очекува зградата да биде готова до крајот на оваа година.
„Денеска сум тука во Кочани, каде се гради социјалната зграда со средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски во висина од 1 милион евра. Изградбата е во напредна фаза, конструкцијата е при самиот крај и јас очекувам до крајот на оваа година таа да биде завршена. Веќе од почетокот на 2023 година ќе влеземе во распределба на овие 34 станови, кои на наши граѓани од кочанскиот регион ќе им обезбедат достоинствени услови за живеење“, изјави Бочварски од Кочани.
Тој истакна дека социјалните згради во Виница, Свети Николе, Гостивар и во Пробиштип се завршени и дека во фаза на подготовка е Комисија составена од Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика, која во најскоро време ќе распише јавен оглас распределба на овие социјални станови на социјално загрозени семејства.