Додека здравствената криза е во тек не може да се дозволи да работат рестораните за свадби. Лани веќе ги поддржавме, но имаме еден проблем со нив, а тоа е дека не можат да се одвојат од останатите, бидејќи мал број од нив се категоризирани според категоризацијата на Министерството за економија, посочи денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Не може да направиме отстапки за да им се дозволи да работата додека е здравената криза во тек. Ќе направиме се што треба за да влезат во системот, да бидат категоризирани и соодветно да се постапи со нив во редовните програми на Министерството за економија и ако е потребно и со дополнителни мерки. Тие се една од категориите, заедно со уште неколку, кои се најпогодени на светско ниво, за кои размислуваме како да ги третираме на соодветен начин. Сега фокусот е на тие кои со одлука на Влада им забранивме да работат во овие две недели, рече Битиќи во одговор на денешната прес-конференција во Владата.
Тој нагласи дека за сите угостителски објекти кои се затворени овој период со одлука на Владата ќе следи економска поддршка и додаде дека Владата во неколку наврати спроведе сеопфатни мерки, во кои, како што кажа, рестораните за свадби беа една од целните групи.
-Тие беа едни од целните групи кога го дадовме бескаматниот кредит КОВИД 1 кој беше наменет само за угостителскиот сектор. КОВИД 4 што го најавивме во петтиот пакет на мерки е исто така за угостителскиот сектор каде може да аплицираат и рестораните за свадби и каде наведовме дека освен кредит со 0 проценти камата ќе има дел неповратни средства ако работат позитивно до крај на годината. Дополнително минатата година со субвенционирањето на патите, како и оваа година, тие затоа што имаат најголем пад на приходи се најмногу поддржани, по принципот на скалеста поддршка за минималната плата. Но, сепак сфаќаме, најтешко ќе се вратат во стопанството и размислуваме како за нив, така и за другите што се погодени да ги поддржиме со развојни програми и тоа ќе го направиме, прецизира Битиќи.