Безбедноста и здравјето при работа (БЗР) во Македонија се уште не е на задоволително ниво, беше речено на дводневниот смеинар во Пехчево што го организира Македонското здружение за заштита при работа.
Како што истакна Андријана Зафировска од Здружението, целта на обуката е пренесување знаења и вештини за дисеминација, како и размена на добра практика меѓу професионалците од областа на БЗР, работодавачите и вработените преку презентирање модули изготвени од еминентни експерти, но и ревидирани од страна на ЕУ институции.
– Факт е дека состојбата за безбедноста и здравјето при работа се уште не е доведена до задоволително ниво. За тоа говорат статистиките согласно објавените годишни извештаи за несреќи при работа. Во моментов, го подготвуваме годишниот извештај кој ќе биде објавен на 28 април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа. Потребно е да ги извадиме розевите очила и сите да се ангажираме за унапредување на оваа значајна област, бидејќи се работи за човечки животи, истакна Зафировска.
Совети и консултации, промотивни кампањи и програми, култура на спроведување работа, широко разбирање на улогата на едукацијата, најдобри практики и финансиска мотивација, се приоритетите за БЗР.
– Безбедност и здравје при работа е многу повеќе од исполнување на законските обврски. Подразбира активна улога на работодавачите за спречување на несреќите и повредите при работа врз основа на принципи кои значат преземање мерки во однос на сите околности што се однесуваат на работата, идентификување на она што може да наштети на луѓето, идентификување на опасностите и проценка на ризик. Треба и да се соработува со работниците, рече професорот по трудово право Агим Шаќири.