Македонската банкарска асоцијација (МБА) соопшти дека банките се подготвени да ја извршат исплатата на паричната помош за социјална и детска заштита, притоа водејќи максимална грижа за заштита на јавното здравје.
Од понеделник, сите корисници на парична помош за социјална и детска заштита кои имаат дебитни картички ќе може да ги подигнат средствата, додека готовинската исплата ќе се врши по утврден распоред по азбучен ред,според првата буква од презимето.
Така, во понеделник се оние чие презиме почнува на А; Б, В, Г и Д, во вторник од Ѓ до Л, во среда од Љ до Р и во четврток од С до Ш.
– Постигнатите резултати со готовинските исплати по групи во изминатите неколку недели потврдуваат дека со ваквиот системски пристап ќе се намали физичкото присуство во филијалите и експозитурите и ќе се овозможи поголема заштита на здравјето на сите корисници на банкарски услуги, велат од МБА.
Апелираат до корисниците да се придржуваат до утврдениот распоред, а при посетата на банките да ги почитуваат насоките за одржување на меѓусебно растојание од најмалку два метра и задолжително да носат заштитна маска на лицето.
На оние кои немаат дебитни картички ќе им биде понудено да пополнат барање за издавање на дебитна картичка.
– Сите банки ќе обезбедат овие картички да им ги предадат на своите клиенти пред следната исплата на парична помош од социјална и детска заштита, со што ќе се овозможи физичкото присуство во експозитурите и филијалите да биде уште помало, а секој корисник да има лесен, брз и едноставен пристап до своите средства во секое време. Со дебитната картичка, секој корисник на парични права од социјална и детска заштита ќе добие и упатство за нејзино користење, истакнуваат од МБА.