Анѓушев: Со поголем обем на работа до профитабилност на Македонски железници

Од:

Владата во наредниот период ќе се заложи за обезбедување што поголем обем на работа на Македонски железници, а ја разгледува и идејата за либерализација на железничкиот транспорт, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев презентирајќи го постигнатиот договор со машинскиот персонал за прекин на блокадата на железничкиот сообраќај.

Според договореното, како што информира министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со Синдикатот на машинскиот персонал, коефициентот на сложеност на работно место ќе изнесува 2,85, а висината на додатоците на плата за прекувремена работа, ноќна работа, работа за викенд ќе се исплаќа повторно, како на износот од пред стапувањето во сила на антикризните мерки.

Барањата поради кои машиновозачите во изминатите два дена го блокираа домашниот патнички и товарен сообраќај, според Анѓушев биле легитимни.

-Ги разбравме нивните проблеми, имавме подлабоки разговори со нив и ги разбравме малку пошироко проблемите со кои се среќаваат во работата. Мислам дека постигнавме солиден договор, не само сега туку и во иднина да имаме отворен разговор со сите синдикати вклучително и со Синдикатот на машиновозачите, да ги решаваме и разбираме проблемите кои ги имаат, изјави Анѓушев.

Ќе следи, најави, поширока дискусија за решавање на сите проблеми без оглед на кој дел од работничкиот сектор се однесуваат. Ќе се обидеме да бидат решени на соодветен начин и во рамки на можностите на државата.

Анѓушев потенцираше дека покрај договорот за зголемување на додатоците за плата и за коефициентот на сложеност во наредниот период ќе продолжат разговорите за барањата за условите за работа, ХТЗ опремата и специфичноста на работното место.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека нема магионичарско стапче со кое ќе може преку ноќ да се направат рентабилни претпријатијата кои работат со загуби, но таквите состојби во наредниот период ќе бидат предмет на анализа. За некои веќе имаме сознанија и идеи што треба да се направи, вклучително и за Железницата. Можам да гарантирам, посочи, дека ќе имаме исклучително позитивен пристап кон сите претпријатија во државна сопственост и ќе се обидеме од нив да направиме профитабилни фирми.

-За Железница е многу важно да се обезбеди што повеќе работа, односно македонските компании да возат што повеќе преку домашната железница, а секако и Македонска железница да се прилагоди на тоа да биде конкурентна во цените во однос на останатите видови транспорт, изјави Анѓушев.

Одговарајќи на новинарски прашања наведе дека има идеи во насока на либерализација на железничкиот сообраќај. Тоа, појасни, значи дека инфраструктурата останува државна, односно пругите или целата сообраќајна инфраструктура останува во делот на Инфраструктура како и досега, но може да се случи да има повеќе оператори за транспорт. Тоа се компании кои или имаат свои возила или изнајмени возови и ќе сообраќаат со цел да се создаде конкуренција.

-Нормално тука ќе се внимава и на државниот интерес, односно и на претпријатието МЖ Транспорт, додаде Анѓушев.

Одговарајќи на новинарско прашање за проблемите во изградбата на автопатот Охрид – Кичево што ги соопшти премиерот Зоран Заев, ресорниот министер Сугаревски рече дека станува збор за експропријација која што во оваа фаза се разгледува и сите можни проблеми излезени при изградбата. Се надеваме дека во најбрз рок ќе можеме на јавноста да и соопштиме за што станува збор.

Би можело да ве интересира

Бочварски: Правиме либерализација на железницата оти граѓаните плаќаат 25 милиони евра, а не добиваат услуги

Орце Костов

Попуштените мостови и расипаните возови не се пречка: Македонија ќе гради брза пруга од Скопје кон Ниш

Орце Костов

Владата ќе ги спасува Железници од банкрот: Ќе купи нови акции вредни 15,6 милиони евра

Орце Костов

Од 700 километри пруга, граѓаните користат 150: Државата ниту изгради ново, ниту модернизираше старо

Орце Костов

Втор ден не сообраќа возот на релација Велес-Прилеп-Битола и обратно

Директори им се закануваат на машиновозачите со откази наместо да делат плата: „Нашата плата е 23.000, а не 60.000 денари“

Горан Наумовски