Државата имала удел во пропаѓањето на металуршкиот гигант од Кавадарци „Фени индустри“, рече денеска од говорницата во Собранието на Република Македонија вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, одговарајќи на пратенички прашања. Тој посочи дека за лошата состојба на фабриката постојат објективни, но и субјективни причини.
„Падот на цената на никелот на светските берзи е објективна причина, но за доведувањето на ‘Фени’ во ваква состојба учествувала и државата. ‘Фени’ нема поднесено завршни сметки за 2015 и за 2016 година. Па може ли една бакалница да егзистира ако не поднесе завршна сметка во Управата за јавни приходи? Кој го толерирал тоа, зошто и како? Кога ќе најдеме одговори на овие прашања, ќе дојдеме и до одговорот на тоа кој е одговорен за ваквата ситуација“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Тој ги повика вработените од „Фени“ да бидат трпеливи и рече дека Владата, во рамки на ингеренциите, посветено работи на изнаоѓање решение.
„Најдовме три групи заинтересирани инвеститори. Решение за фабриката е стечај преку реструктурирање. Моите проценки се доколку нема нови правни опструкции на постапката за стечај, фабриката за месец, месец и половина ќе продолжи со работа. Следниот ден откако ќе се отвори стечај, вработените може да бидат повикани на работа“, рече Анѓушев.
Пратеникот Панчо Минов укажа дека трпението на вработени е на крај и побара од државата преку фондови за ризик или преку европски фондови да најде начин да им ја исплати октомвриската плата.
Вицепремиерот Анѓушев објасни дека државата нема можност да исплати плата на вработени во приватна компанија.
„Сè додека ‘Фени’ има сопственик, ние не можеме да исплаќаме плати. Во таков случај ќе се постави прашањето зошто и во други приватни фирми да не даваме плати. Ние можеме да им понудиме социјални пакети ако отидат под стечај, но интенцијата е тие да останат на работа, а стечајот да значи реструктурирање. Во моментот кога новиот инвеститор ќе депонира средства на сметката, јас верувам дека доверителите меѓусебе ќе се договорат на вработените да им се исплати плата од тие пари“, објасни вицепремиерот Анѓушев.
Тој порача дека случајот на „Фени“ треба да се остави на институциите кои веќе работат на негово расчистување.
М.И.П.