АНАЛИЗА: Скоро 74% од месечните трошоци – за храна и за сметки!

Од:

За храна, најсиромашните месечно трошат 74 евра, најбогатите 340 евра. Просечно, на едно семејство му се потребни 528 евра за да го истурка месецот – односно да ги подмири неопходните животни трошоци. Во измнатиот период, иако инфлацијата се движи во очекувани рамки а според прогнизите таа ќе се засили во следните две години, што значи дека е можен бран на поскапувања, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.

Стапките на инфлација од околу 2 % според економистите не се загрижувачки, но во услови кога платите бавно се зголемуваат, секое поскапување влијае на животниот стандард.

Плата V.S Трошоци…

Само за храна и за сметки, месечно на едно смејство му се потребни скоро 400 евра. Најновите податоци за месечните трошоци преку минималната синдикална кошница покажуваат дека во месец октомври, 73,5% од месечните расходи завршуваат за да се подмират основните потреби – храна и сметки. Во споредба со лани, истиот месец, трошоците се зголемени можеби незначајно, за околу 190 денари, но сепак ова покажува дека тие се во пораст.

Според тоа колку пари се потребни да се задоволат основните животни потреби, преку дефинираната минимална синдикална кошница – податоците покажуваат дека за исхрана и пијалоци месечно треба да се одвојат 13 486 денари, за домување 10 407 денари, за хигиена 2 300 денари, за превоз 2 386 денари, за облека и обувки 2 168 денари, за култура 1 070 денари и за одржување на здравје 686 денари.

Спроти ваквите податоци што ги мери Сојузот на синдикати на Македонија, официјалните податоци од Заводот за статистика покажуваат дека најсиромашните семејства, односно оние со најмали приходи, годишно само за исхрана трошат 900 евра или по 74 евра месечно, додека оние со најголеми приходи за исхрана трошат 4,5 пати повеќе, 4 044 евра годишно или скоро 340 евра месечно.

Просечно, од вкупните употребени средства во рамките на едно домаќинство скоро 38% завршуваат за исхрана, 11,4 % за сметки, станарина, вода, струја, гас, 5,4% од употребените средства се за покуќнина и одржување на домот, 5,1% за облека и обувки и исто толку за сообраќај.

Инаку, според најновите податоци, во ноември годинава во споредба со истиот месец лани, трошоците на живот се зголемени за 1,2% пришто најголем пораст од 4,8% има кај групата „алкохолни пијалаци, тутун и наркотици“, трошоците за „здравје“ се зголемени за 2%, а за „транспорт“ растот изнесувал 4,7%. Раст на трошоците на живот има и за рекреација, култура, ресторани, хотели.

Податоците од најновата публикација на Заводот за статистика „Потрошувачка на домаќинствата во Република Македонија, 2017“ покажуваат дека кај дури 61,1% од домаќинствата, извор на расположливите парични средства е платата од редовен работен однос а кај 18,5 % тоа е пензијата, што значи дека повеќе од две третини од домаќинствата живеат од плата.

Умерена инфлација – цената на нафтата ќе расте…

Со проекциите за новата економска 2019 година, надлежните институции прогнозираат умерена инфлација , која ќе се движи околу 2%. Годинава, според оценките на Народната банка, во третиот квартал е забележано забрзување на растот на цените на енергијата, додека има забавување на ценовниот раст кај храната.

„Во третиот квартал од годината, продолжи забавувањето на годишниот раст кај цените на храната, којшто се сведе на само 0,2%, одразувајќи го намалувањето на цените на овошјето, како и забавениот раст на цените на зеленчукот и месото. Забавувањето на годишниот раст на потрошувачките цени на храната е во согласност и со забавениот раст на странските ефективни цени на храната, како и со надолните поместувања на цените на домашните производители на храна“ – се наведува во новиот ноемвриски извештај на НБМ и се додава:

„За разлика од цените на храната, цените на енергијата во третиот квартал растат посилно во споредба со годишниот раст од претходниот квартал, што главно се објаснува со движењето на домашните цени на нафтените деривати. Ваквото поместување на домашните потрошувачки цени на енергијата е во склад со движењето на цената на суровата нафта и дериватите на светскиот пазар, чиј раст значително забрза во текот на третиот квартал“.

Економските аналитичари очекуваат умерена инфлација со тенденција да забрза во двегодишниот период кој следува.

„Во 2018 година, според економските аналитичари, стапката на инфлација ќе изнесува 1,8%, а во текот на наредните две години, минимално ќе се зголеми и ќе изнесува 2,0% и 2,1% во 2019 и 2020, соодветно. Слична динамика на цените во домашната економија предвидуваат и други институции’ – велат од Народната банка.

Лебот поскапе – ценовните движења будно се следат…

Наспроти ваквите оценки и очекувања – јавноста неволно ја дочека веста дека дел од производителите на леб ја зголемија цената за околу 20 % или од два до три денари. Овој потег го правдаат со зголемување на цените на брашното и на пченицата.

Од Министерството за земјоделство велат дека состојбата се следи и доколку се случи драстично зголемување на цените на повеќе типови на леб, што би влијаело врз животниот стандард тогаш ќе се интервенира преку Агенцијата за стокови резерви со што ќе се влијае на стабилизација на цените на лебот.

Изминатите години цените на нафтените деривати во земјава, условени од цените на светски берзи и од курост на доларот во однос на денарот, варираа, но главно трендот е во нагорна линија. Литар Еуросупер од 95 октани се продава за 63 денари по литар а Еуросупер од 98 октани за 65 денари по литар. Позначајно е поскапувањето на дизел горивото, па така ако еден литар Еуродизел во 2015 година во ноември се продавал за 48,5 денари, сега цената изнесува 61 денар. Раст на цената има и кај Екстра лесното масло за домаќинство кое во 2015 година чинело 38,5 денари а сега се продава за 49,5 денари за литар.

Од монетерната и од фискалната власт најавија дека состојбата на можен ценовен раст се следи но не се очекува позначен инфлаторен притисок и во текот на новата 2019 година.

Анализа на Порталб

Би можело да ве интересира

ДЗС: Повеќе договорени, а помалку извршени градежни работи во странство

Помалку издадени одобренија за градба во мај

Горан Наумовски

Вкупниот прометот во индустријата во април намален за седум отсто

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

За една година затворени 14 училишта во Македонија: Намален е бројот и на паралелки и ученици

Александар Тодески

Лани поднесени обвиненија за половина од примените пријави за злоупотреба на лични податоци

Александар Тодески