Последните податоци од албанското Министертво за финансии потврдуваат дека на крајот од јуни надворешниот долг на Албанија пораснал на 800,9 милијарди лека што е еднакво на 5,8 милијарди евра.
Распределувајќи ја оваа сума по глава на жител, односно на 2,8 милиони, според податоците од минатогодишниот попис на Институтот за статистика, произлегува дека на секој граѓанин му отпаѓа по 2.070 евра.
Податоците на Министерството јасно говорат за постојан раст на долгот, споредено со крајот на 2011 година, кој само во првите шест месеци од годинава е зголемен за 28,2 милијарди лека.
Она што посебно паѓа во очи е поголемиот раст на домашниот долг, што значи дека владата во текот на годинава повеќе земала долг од своите граѓани, отколку од странските партнери.
Така, внатрешниот долг на крајот од јуни достигнал ниво од 453,1 милијарда лека што е раст од 14,6 отсто споредено со крајот на 2011, додека надворешниот долг е 347,7 милијарди лека што претставува зголемување за 13,8 отсто.
Одржувањето под контрола на долгот во рамките на границата од 60 отсто од БДП веќе се претвори во предизвик за Владата. Во услови кога приходите не се реализираат според планот, поради забавеноста во економската активност, Владата е принудена да ги скусува трошоци, додека единствена надеж за да се наполни буџетот останува приватизацијата на нафтената компанија „Албпетрол“ за која на спроведениот тендер беше понудена цена од 800 милиони долари.