Активирана апликацијата „МојДДВ“, киоск апарати и баркод читачи на 36 места

Од:

Апликацијата МојДДВ преку која граѓаните ќе можат да ги скенираат фискалните сметки веќе е достапна за преземање и подготвена за користење. Апликацијата е едноставна за користење, а од секој смарт телефон граѓаните може да ја преземат преку веб страницата на Управата за јавни приходи (УЈП). На 36 места во организациските единици на територија на целата држава се поставени и киоск апарати, баркод читачи и паметни мобилни телефони преку кои УЈП ќе им овозможи на граѓаните да ги скенираат своите фискални сметки.

За ова денеска информира в.д. директорката на УЈП Сања Лукаревска на прес-конференција.

– Очекуваме во наредните денови апликацијата да биде достапна за преземање и од „Apple Store“ за корисниците од „iOS“ оперативниот систем, бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите, додаде Лукаревска.

Согласно законските одредби во Законот за враќање на дел од ДДВ, Лукаревска посочи дека едно физичко лице во текот на годината ќе може да си врати 7.200 денари, а четиричлено семејство каде сите ги исполнуваат условите ќе може да си оствари една просечна плата од 28.800 денари.

Таа потсети на условите што граѓаните треба да ги исполнуваат за враќање на поврат на ДДВ, а тоа се: да имаат навршено 15 години, да поседуваат документи за идентификација, своја трансакциска сметка и да се регистрирани на системот на УЈП. За најава на „МојДДВ“ граѓаните ќе го користат истиот имеил и лозинка од корисничкиот профил на e-pdd.

– Фискалните сметки со износ од 30.000 денари, како и невалидните фискални сметки, односно компјутерските сметки апликацијата МојДДВ нема да ги прифати, ниту преку скенирањето од мобилен телефон, киоск апарати или баркод читачи, посочи Лукаревска.

Таа информира дека Законот за враќање на дел од ДДВ и начинот на кој ќе се реализира е прв од ваков вид во регионот и, како што рече, е уште една ефикасна мерка за намалување на сивата економија и можност граѓаните и управата да станат партнери во борбата против неформалната економија.

– Веруваме дека граѓаните ќе инсистираат да им се издаваат фискални сметки, а дополнително ќе избегнуваат да купуваат на места каде фискални сметки не се издаваат. И граѓаните и државата имаат корист од оваа мерка. Најмногу ќе изгубат оние кои не издаваат фискални сметки или пак издаваат невалидни со што на граѓаните им го ускратуваат правото на поврат. Повратот на 15 посто од ДДВ е голем и сериозен проект и по својата суштина и по начинот на реализацијата. Токму затоа беше и се уште е вистински предизвик да се работи на овој проект, рече Лукаревска.

За сите граѓани кои ќе имаат потреба од поддршка во целиот процес, како што се повозрасните лица и граѓаните од социјално ранливите категории, УЈП, како што рече Лукаревска, е целосно подготвена да им излезе во пресрет.

Апликацијата „Мој ДДВ“ е достапна за симнување ТУКА.

Сите што се регистрирани во системот „е-Персонален данок“, преку апликацијата „Мој ДДВ“ ќе имаат можност да гo скенираат бар-кодот од фискалните сметки и да го остварат правото на поврат на 15% од износот на платениот ДДВ.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Цените не се намалени, власта да го прифати предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ на храната

Горан Наумовски

Со нашиот предлог ќе поевтинат над 250 категории прозиводи вели СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа

Поради зголемен прилив на ДДВ-04 пријави, системот Е-даноци работи забавено

УЈП очекува детали од Министерството за финансии за најавеното намалување на даноци

Констатирани неправилности кај шест даночни обврзници во општина Виница

ВМРО-ДПМНЕ: Парите што се краделе од СДС и ДУИ сега завршуваат во буџетот