АЕК почна изградба на телекомуникациска кула на Водно

Од:

Агенцијата за електронски комуникации почна изградба на телекомуникациска кула на врвот на Водно со антенски систем за мониторинг и контрола на радиофреквенциите.

Кулата ќе биде висока 155 метри, а вкупната инвестиција изнесува 18 милиони евра, средства на АЕК.

На поставувањето на камен-темелникот денеска на Водно присуствуваа премиерот Никола Груевски, раководството на АЕК, како и претставници од телекомуникациските оператори и радиодифузерите.

Објект како новата телекомуникациска кула што ќе се гради во наредните пет години, според премиерот, не памети поновата историја на Република Македонија.

– Самиот факт што оваа кула ќе биде повеќе од двапати повисока од Милениумскиот крст, двапати повисока од зградата на МТВ, но и повисока од новите висококатници кои се градат во Аеродром, доволно говори за импресивноста на оваа градба. Со височина од 155 метри, со модерен изглед и дизајн, со ротирачки простории какви што се планираат, дефинитивно оваа кула ќе биде највисок објект во цела Македонија, но и нова атракција во главниот град, рече Груевски.

Тој истакна дека покрај својата функција во делот на телекомуникациите, работата на АЕК, радиостаниците, телевизиските и мобилни оператори, Македонската воздухопловна служба, кулата ќе даде дополнителна туристичка атрактивност на планината Водно. Ваквите телекомуникациски кули се симбол на многу познати градови ширум светот, како Виена, Канбера, Токио… и многу други места каде што овие кули се магнет за туристите и посетителите. Со изградбата на телекомуникациската кула на Водно и Скопје ќе добие плус на својата туристичка препознатливост, наведе премиерот Груевски.

Изградбата на објектот, според него, е надоврзување на силната градежна експанзија во изминатите неколку години во Република Македонија.

Директорот на АЕК Роберт Ордановски истакна дека антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите со местоположбата и поставеноста ќе овозможи поквалитетна и посигурна грижа за корисниците на радиофреквенции.

– Тоа ќе придонесе да се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции, а тоа на пример е од особено значење за заштита на воздухопловната радио-навигациска служба, рече Ордановски, додавајќи дека АЕК ќе ја исполни законската обврска за ефикасно управување и мониторинг на радиофреквенцискиот простор.

Објектот на АЕК ќе биде со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат четири конзолни платформи и челично решеткаст столб, а на врвот ќе има антена. На платформите ќе има канцелариски простор и ќе биде сместена целата опрема.

Изведувач на градежните работи, што ќе траат пет години, е градежното друштво „Гранит“. Вредноста на договорот за градежни работи е 1.084.706.000 денари, финансии на Агенцијата.

Изградбата на антенскиот систем, според Ордановски, е предвидена со Програмата за работа на АЕК од минатата година, што ја одобри републичкото Собрание. Обезбедени се сите потребни дозволи за градба од надлежните општини и од Министерството за транспорт и врски, извршени се статички испитувања, односно исполнети се сите потребни технички параметри. Намерата на АЕК е во иднина врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.

За проектот за антенскиот систем АЕК користеле искуства од државите во регионот. 

Би можело да ве интересира

Групацијата 4iG го поздравува започнувањето на јавните консултации на АЕК за нов мобилен оператор

A1on

АЕК почна постапка за јавна расправа за спроведување тендер за трет мобилен оператор

Анализа на АЕК: Недостиг на пазарна конкуренција во мобилната телефонија, влезот ограничен

Горан Наумовски

АЕК објави тендер за одобренија за 5Г

А1он

АЕК објави студија за влијанието на зрачењето од телекомуникациските уреди и технологии

Ана Ололовска

Преку мобилен, интернет користат 1 398 860 претплатници

Ана Ололовска