Археолозите од Kумановскиот музеј ги завршија археолошките ископувања на локалитетот Градиште во атарот на село Младо Нагоричане, соопштија денеска надлежните од установата. Истражувања биле насочени кон градбите откриени во претходните години, минатата и 2018-та година во таканаречената средна траса. Со последните истражувања археолозите претпоставуваат дека карактерот на откриените ѕидови се меѓу најскапите и најодржуваните градежни инвестиции на локалитетот.
Станува збор за делови од моќен бедем кој бил граден во неколку фази и реупотребуван во целокупното античко егзистирање на локалитетот. Во една од фазите на градење, на западната страна на бедемот била доградена и помала кула која имала стратешка улога во одбраната на овој дел од населбата и која сигурно не била единствен додаден дел од бедемот. За жал, според конфигурацијата на теренот, очигледно е дека бедемот настрадал со ерозивните дејства на локалитетот, настанати како резултат на активностите од поново време.
– Сепак, добиените податоци даваат интересни сознанија кои повторно ја потврдуваат значајната улога која локалитетот ја има во периодот на раната антика и хеленизмот. Според историските податоци, истражуваниот локалитет се наоѓа на територија која во 3-2 век пр.н.е. претставувала фронтална линија во борбите на македонските кралеви против континуираните напади на Дарданците кон југ, по освојувањето на пајонските територии. Откриениот бедем со придружните елементи немал улога да ја заштити целата населба, туку само најгорниот, акрополен дел, од каде што потекнуваат и најексклузивните наоди, изјави археологот и раководител на проектот, Дејан Ѓорѓиевски.
Ова зборува за диференцијација и своевидно паралелно егзистирање на аристократијата и обичните луѓе во периодот на 4-3 век пр.н.е., а веројатно и порано, што од друга страна пак, посочува Ѓорѓиевски, наметнува повеќе прашања околу потеклото и причините за таквото разграничување и можна сегрегација. Појавата на вакви бедеми со кули порано била потврдена со ископувањата на Градиште – Кнежје и Вардарски Рид – Гевгелија, населби кои се припишувани на пајонските или на македонските владетели.
-Со тоа, нашиот локалитет, заедно со претходните откриени ексклузивни наоди од камена пластика (јонски капители и бази), фрагментите од боен малтер и импортираната керамика, влегува со кругот на населбите кои имале блиски врски со претходно споменатите, односно биле инкорпорирани во пајонските и македонските цивилизациски достигнувања пред доаѓањето на Римјаните на овие простори, појаснува Ѓорѓиевски.
Ископувањата на локалитетот се опфатени во годинашната програма на НУ Музеј Куманово, а одобрени и финансирани од Министерството за култура.