Заврши третата фаза за заштита на фрескоживописот во „Св. Јован Крстител“ во Кратово

Од:

Со финансиска поддршка од Министерството за култура завршена е третата фаза за заштита на фрескоживописот на црквата „Св. Јован Крстител“ (Претеча) во Кратово.

Министерството за култура денеска информираше дека бил неопходен посебен режим на конзерваторско-реставраторскиот третман што подразбирал отстранување на пресликите во долната зона на јужниот ѕид на црквата.

Во 2011 година беа извршени конзерваторски истражувања и изработка на конзерваторски проект за целокупното ѕидно сликарство, а во 2012 и 2013 година се интервенираше на консолидација на градбата и на живописот во отворениот трем.

– Од особено значење се интервенциите на оштетените слоеви врз првобитниот фрескоансамбл на тремот при што е откриена значајна површина од постарата и порафинирана сликарска фаза на западната фасада. Како објект за кој се предложени и во континутет се реализираат мерки на непосредна заштита, зацртаните активности ќе продолжат и во наредната 2015 година, наведува ресорното Министерство во соопштението.

Црквата „Св. Јован Крстител“ се наоѓа во рибарското маало во Кратово. Според преданието на постарите кратовчани, црквата била запалена за време на Карпошовото востание, ѕидовите останале, но покривот целосно изгорел. Од опожарената црква бил зачуван голем дел од вредните црковни предмети. По ова донесена е одлука за обнова на црквата во 1836 година. Во посебни категории од сакралното уметничко творештво, во неа свој печат оставиле мајстори на 19 век.

Обновената градба е дело на балканскиот неимар Андреја Дамјанов, а иконостасот од ореово дрво со позлата е една од првите изведби на Петре Филиповски Гарката и неговата тајфа, додека иконите на иконостасот се создадени од рацете на Димитар Андонов Папрадишки и самоковските зографи. Во храмот се наоѓаат и икони на Света Богородица, Исус Христос и Свети Јован Крстител кои од страна на населението се сметаат за исцелителни. Како значајно иконописно дело се вбројува и една од најубавите претстави на свети Ѓорѓи Кратовец во природна големина, дело на Захарија Д. Досевски Самоковец. 

Би можело да ве интересира

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Вандализирана црквата „Свети Атанасиј“ на тетовско Кале

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

На црква на тетовско Кале поставено знаме на Албанија

Горан Наумовски