Со концерт на групата „Монистра”, синоќа во Крива Паланка беше заокружено годинашното издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски”.
Поради неповолните временски услови и врнежите од дожд, третата фестивалска вечер од шеснаесеттиот фестивал на народни песни и игри се одржа во кино салата на Центарот за култура во Крива Паланка.
Етно групата „Монистра” ги изведе песните од албумот „Киниса моме на вода”: „Прстен ми падна”, „Филизо моме”, „Киниса моме на вода”, „Невен китка, невенова”, “Севделинке малој моме”, како и авторските композиции “По слух”, “Небесие”, “Царево оро” и други.
– Иако фестивалот се одржа во услови на пандемија, со помал број учесници, ништо помалку не беше со квалитет, ниту се одрази на разновидноста на програмата, одржувајќи ја традицијата на реномираниот фестивал што е своевиден културен бренд на градот. Низ изминатите деценија и пол на овој фестивал продефилирале над 5000 играорци и играорки од Турција,Кипар, Романија, Белгија, Полска, Словачка, Босна и Херцеговина, Србија, Романија, Бугарија, Црна Гора и од нашата држава. За жал, поради пандемијата со Ковид-19 годинава бевме ограничени во репертоарот, програмата и се соочивме со поинаков пристап во организацијата,сѐ во интерес на здравјето на граѓаните, одржувајќи го сепак континуитетот на фестивалот, изјави директорката на Центарот за култура Мира Ѓоргиевска.
Организатор на фестивалот е Центарот за култура од Крива Паланка. Фестивалот се реализира со поддршка од Општина Крива Паланка и Министерството за култура. Настанот воедно беше дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2021″.