Во Народниот театар „Јордан Х.Константинов-Џинот“ во Велес синоќа со гостувањето на Театар Младинско од Словенија со претставата „Ветер на лудоста“ заврши Меѓународниот фестивал за изведбени уметности „ИМПАКТ 4“.
Претставата е работена по режија и кореографија на Марк Томпкинс, Американец кој подолго време живее и твори во Франција. Премиерата на претствата е подготвена за мај годинава за фестивалот „Прелет“ во Љубљана. Во претставата настапија Маруша Облак, Примож Безјак, Алеш Хадалин, Урош Каурин, Борис Кос и Блаж Шеф.
Актерката Маруша Облак по изведбата изјави дека е задоволна од фестивалот и од приемот од публиката. Таа настапува вторпат на „ИМПАКТ“ во Велес, каде што била пред четири години во претстава што го отворила фестивалот. Повеќепати учествувала и на фестивалот Млад отворен театар.
Александар Ивановски режисер, основач и раководител на фестивалот „ИМПАКТ“ е задоволен од годинашното издание на фестивалот и веќе размислува за догодинешното, петто издание.
– За петтиот „ИМПАКТ“ во септември 2015 планирам на сцената во Велес да донесам што е можно повеќе театри од повеќе земји, но затоа очекувам и поголема финансиска поддршка од надлежните, потенцираше Ивановски.
„ИМПАКТ 4“, кој го организира Центарот за креативна акција „ИМПАКТ“, годинава беше поддржан од Европската програма за култура при ЕУ, Фондацијата Алијанс од Германија и со помал дел од Министерството за култура, а технички беше потпомогнат од Народниот театар „Јордан Х.К-Џинот“ од Велес.
На фестивалот кој траеше од 18-ти до 23 септември во Велес настапија театари од Романија, Словенија, Македонија, а имаше и самостоен проект на Македонец кој твори во Велика Британија. Се одржа и семинар на тема „Меморија и простор“ со учество на професори од повеќе земји.