Заврши 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Од:

Со врачување уверенија и со споделување импресии од четириесетина семинаристи – слависти и македонисти од петнаесет земји од светот, заврши 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Школата, која традиционално се одржа во Охрид, годинава, во целост беше посветена на делото на великанот Блаже Конески, по повод стогодишнината од неговото раѓање. Учесниците слушаа лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Конески од повеќе аспекти, преку нив, со нив беа споделени и нови заклучоци и согледби. Сите тие се влог во изучувањето и проучувањето на делото на Конески и ќе придонесат уште потемелно и со нови согледби тоа да биде претставувано на странските универзитетски центри, на кои Конески веќе е и синоним за современата македонска култура и држава.

Како резултат на работата на Школата, веќе се подготвени и нови преводи на дел од творештвото на Блаже Конески и тоа на делови од творештвото што претходно не биле преведувани во работата на МСМЈЛК при УКИМ. Особено значајно, веќе се подготвени преводи и од култната книга „Разговори со Конески“, преку кои, на новите слависти и македонисти ќе им биде овозможено Конески да го спознаат не само преку неговото лингвистичко, книжевно, научно и културолошко дело, туку и преку неговите светогледи и размисли за круцијални прашања, како поврзани со неговата биографија, така и со македонската културна опстојба и културниот развој. Преводите на делови од „Разговори со Конески“, впрочем, на странските проучувачи ќе им овозможат и нови сознанија за современата македонска историја и култура, кои се очекува дека би резултирале и со нови истражувања во меѓународната славистичка средина.

Ова издание на летната школа на МСМЈЛК при УКИМ се издвојува и како едно од изданијата со најбогата програма, вклучително и преку културните настани што беа организирани за учесниците – странски слависти и македонисти. Меѓу другото беа промовирани и четири монографски публикации. Конкретно, беа промовирани два зборника на МСМЈЛК при УКИМ – зборник од минатогодишната летна школа и зборникот „Конески на 11 јазици“ од Првата зимска школа којашто се одржа во јануари годинава. Беа промовирани и најновата книга за македонската книжевност од академик Ала Шешкен од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ и монографската публикација „Книга за Чинго“ од проф. д-р Димитар Пандев и поетот и книжевен критичар, Славе Ѓорѓо Димоски.

Во рамките на Школата се одржа и тркалезна маса на тема „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“. На тркалезната маса беше посочено дека преку наставата по македонистиката, странските слависти и македонисти, не само што се запознаваат со творештвото на великанот, туку продолжуваат и со негово истражување, со интерпретации и толкувања на неговата поезија, како и со нови преводи. Беше истакнато дека во периодов, како резултат на присуството на делото на Конески во наставата, на странските универзитети се спроведуваат неколку значајни проекти коишто му се посветени токму нему, како истражувачки, така и преведувачки, а веќе се планираат и нови, коишто ќе следат по големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески.

Учесниците на тркалезната маса споделија искуства од практиката, како соодветно, научно издржано, но и современо, вклучително и мултимедијално, творештвото на Блаже Конески се предава на странските универзитети. Притоа се потврди дека токму најсовремените методи во наставата се применливи со творештвото на Конески и уште поважно – токму тие и се применуваат при неговото претставување и изучување на странските универзитетски центри, дотолку што на некои од универзитетите, веќе се гради и простор за нешто што може да се перципира и како одделен предмет – Коневистика. Разменетите искуства ќе придонесат и за натамошни вложувања во начинот на којшто достоинствено, за Конески се говори и истражува пред и со новите генерации странски слависти. На настанот беше договорено да се одржуваат редовно и почесто вакви средби на кои професорите и лекторите од странските универзитети разменуваат искуства од наставата.

Покрај ова, учесниците на Школата присуствуваа и на меѓународните поетски манифестации Струшки вечери на поезијата и Поетска ноќ во Велестово, а беше одржан и курс по македонски народни ора.

Со сето ова, МСМЈЛК при УКИМ, и во сложените услови наметнати од пандемијата на Ковид-19, не само што успеа да ја продолжи традицијата на летната школа, туку и докажа дека и во вакви услови, со вистински заложби, и преку ваквите форми на вложување во македонистиката во меѓународни рамки, може да се постигнат големи резултати.

Според оцените на учесниците од странските универзитети, 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се издвојува како еден од најдобро организираните стручни и научни настани во славистичкиот свет, во текот на новата нормалност наметната од пандемијата. Како што истакнаа и на затворањето на Школата, таа им овозможи исклучително важни нови сознанија и материјали со коишто Конески и воопшто македонскиот јазик, литература и култура ќе продолжат да ги афирмираат во своите културни средини.

Активностите на МСМЈЛК при УКИМ продолжуваат со 48. Меѓународна научна конференција, што ќе се одржи на 3 и 4 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. На неа, околу 70 македонисти, слависти и балканисти од земјата и странство, во живо и на далечина преку платформата „Зум“ ќе ги изложат своите истражувања на тема „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“.

Би можело да ве интересира

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Упис на УКИМ на 29 и 30 август, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ

На УКИМ слободни 9.921 места за упис во прва година во 2024/2025

Горан Наумовски

УКИМ повторно рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот