Завршени се овогодинашните палеолитски истражувања во пештерата Голема Пешт кај село Здуње, соопштија од Археолошкиот музеј. Пештерата припаѓа на типот едноставни и суви пештери и истата се истражува 11 години од 1999.
– Има само една сала која е долга 31 метар, широка 18,5 метри и мало плато. Местоположбата ѝ овозможува добра прегледност кон околината и вештачкото езеро Козјак. Ископувањата се вршени во предниот дел со две сонди и во тилот со уште две сонди. Петтата сонда е отворена минатата година, посочуваат од Музејот.
Оттаму додаваат дека археолошкиот тим во оваа 2020 година продолжи со ископувања во овој затскриен дел од влезот во сонда 5. Причина за овие истражувања токму во овој простор, наведуваат, се: поголема или намалена населеност, намалено делување на вода, влага, ветрови, ерозии и др., но и потрага за прецизни датирања кои до сега покажуваа радијација во отворените предни зони од пештерата. Интердисциплинарно се вклучени физичко-хемиските методи ЕСР, ОСЛ, ДНА.
– И во оваа кампања бројот на наодите е богат и со кварцни артефакти и со фосилни животински коски. Типолошки и технолошки литичкиот материјал е типичен за мустериен, фазата левалоа-мустериен со отсуство на горно палеолитски показатели (кои беа откриени во претходните сонди). Токму оваа левалоашка техника која доминира во сонда 5, како и огништата на повеќе нивоа ќе бидат одличен извор за лабораториските испитувања кои се работат во Лајпциг и Њујорк, се наведува во соопштението.
Несомнено, додаваат од Археолошкиот музеј, материјалот припаѓа на неандерталскиот род и последниот егзактен датум од еленски заб е датиран со електро спин резонанса – ЕСР во 85.000 години пр.н.е.– Меѓу бројните примероци oд оваа сезона, куриозитет е откриената групација од 4 еленски заби со вилица, кварцни, животински фосилни артефакти и јагленчиња околу нив, посочуваат во соопштението.
Раководител на проектот е Љиљана Шаламанов-Коробар, кустос советник за палеолит, екипа: археолозите Благоја Китановски, Перо Синадиновски, Сашко Василевски, архитект Марта Пејоска, технички лица Јован Ханџиски и Христо Ежовски.
– Реализацијата на овој проект за сите овие години е благодарение на континуираната финансиска поддршка од Министерството за култура, додаваат од Музејот.