Со дефиле низ населбата Истибање виничко и со концерт пред постетителите, попладнево започна 32-то издание на Мегународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо 2017“, во организација на фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибање и општина Виница.
На фестивалот учествуваат над 500 фолклористи од седум земји од Европа и десетина фолклорни групи и ансамбли од Македонија, кои до 22 септемеври на неколку локации во Виница, Македонска Каменица и Облешево ќе ја презентираат фолклорната традиција на земјите од каде што доаѓаат.
Во името на градот домакин Виница и општината која е генерален покровител на фестивалот присутните ги поздрави градоначалникот Емил Дончев, кој искажа голема благодарност до учесниците на фестивалот и им посака пријатно да се чувствуваат во Виница како да се дома.
– Фестивалот е културен бренд на општина Виница, познат ширум светот. Тоа го потврдува и учеството на странски ансамбли од Португалија, Украина, Турција, Романија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија и Србија. Очекувам во наредните денови од престојот во Виница да ја запознаете културата, традицијата, обичаите и храната на жителите од овој крај чии гости ќе бидете во нивните домови, истакна Дончев.
Фолклорните ансамабли на сцената во Истибање презентираа по десетминутна програма од својот репертоар од земјата од која доаѓаат.
За утре е планирана посета на Музејот „Теракота“ и Виничкото кале, а утревечер караванот на „Истибањското здравоживо“ се сели во Македонска Каменица каде ќе биде приреден целовечерен концерт.
Годинешното издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“ финансиски е подржано и од Министерството за култура на Република Македонија.