На распишаниот конкурс на тема „Светот е мал“ што го распиша Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница во рамки на одржувањето на меѓународниот фестивал „Ин Виница веритас“ пристигнаа 320 карикатури од 47 држави од светот.
Жири комисијата во состав: Блаже Докулевски, карикатурист, претстедател на жирито од Македонија, Ивајло Цветков карикатурист од Бугарија и Саша Димитриевиќ, карикатурист од Србија, на синоќешната седница на комисијата во Виница ги разгледаа пристигнатите карикатури и констатираа дека квалитетот на пристигнатите творби на тема „Светот е мал“ во целост задоволува.
– Има оригинални автори, идеи. Јас многу барам од карикатуристите и цртеж и идеја и нов израз во начинот на цртање, нова форма, поставеност, колорит. Најсилен впечаток ми оставија карикатуристите од Иран, како одлични цртачи и иноватори, изјави за МИА Блаже Докулевски, претседател на меѓународното жири на фестивалот.
– Во светот има многу конкурси, многу колеги творат, конкуренцијата и овој пат е голема, што ја покажува важноста на конкурсот, а и на фестивалот во Виница, изјави Ивајло Цветков, карикатиурист од Бугарија, член на меѓународното жири на фестивалот.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на прес-конференција во Виница, а наградите ќе бидат доделни на отворањето на фестивалот кое ќе се одржи на 19. октомври во Сината сала на општина Виница.