Врачување на наградата „Актер на годината“ на „Дневник“

Од:

Редакцијата на весникот „Дневник“ вечер во Македонскиот народен театар ќе му ја врачи наградата  „Актер на годината“ за 2012-та на Петар Горко за улогата на Хенри Шести во истоимената претстава на Народниот театар-Битола.

Петар Горко играше во третиот дел од трилогијата на Шекспир „Хенри Шести“, во режија на  Американецот Џон Блондел, со кој неговиот матичен, Битолски  театар, во мај 2012 настапи на „Светот за Глоуб“. Фестивалот беше во рамки на Културната олимпијада во Лондон, на кој беа изведени сите 37 драми на Шекспир на исто толку различни јазици.

Горко ја оживеа насловната улога на добриот и нерешителен крал-верник, кому му пресудува подмолниот мечтател за круната Ричард. Во обновениот Шекспиров театар Глоуб, но со автентичен лик и конструкција како  оригиналниот од 16/17 век, битолските актери го раскажаа на македонски јазик третиот дел од историската драма за граѓанската или Војна на розите (црвените и белите) во средновековна Англија и за борбите за превласт меѓу династиите Ланкастар и Јорк.

Првите два дела од трилогијата ги одиграа театрите од Белград и Тирана. Македонскиот дел беше највисоко оценет од рецензијата на британски „Гардијан“.

– Претставата ги освои срцата и на критиката. Беше именувана како „инспиративна“, „бистра“, „стилска“ и „жизнерадосно инвентивна“. Нашиот Горко предизвика универзално одушевување и одобрување. Сцените на Хенри кон крајот на првиот чин беа изведени мудро и елоквентно донесени. Со тоа се согласи и престижниот „Гардијан“. Во својата анализа на настапот на битолчани, рецензентот вели тоа е „храбра продукција, со убави режисерски решенија и со добра глума на сите актери, каде што со стихот се владее суверено и  прецизно, со до милилитар пресметана доза на хумор и иронија во мрачниот текст“, наведува „Дневник“ во образложението за наградата „Актер на годината“.

До настапот на Битолски, драмата „Хенри Шести“, која е од раното творештво на Шекспир,  не била изведена во Лондон дури ни на англиски јазик. По повод учеството на светскиот фестивал, ова дело на Шекспир првпат беше преведено на македонски јазик од проф. Драги Михајловски.

Во чест на наградениот Горко, МНТ вечер  ќе ја изведе претставата „Декамерон“ во режија на Боњо Лунгов.

Наградата „Актер на годината“ се состои од статуетка и вредносен чек од 60.000 денари. „Дневник“ ја востанови наградата пред две години. Прв лауреат, за 2010-та, беше актерот Дејан Лилиќ за улогата на „Хамлет“ во истоимената претстава. За  2011-та наградата ја доби Рубенс Муратовски за улогата на кралот Агамемнон во претставата „Геноцид 21“.

Би можело да ве интересира

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска