Водич за музејска програма наменета за деца/лица со аутизам

Од:

Со промоција на Водич за музејска програма за децата/лицата со аутизам и нивните семејства, Музејот на македонската борба денеска го заврши проектот „Отворени музеи“ чија цел е да ги вклучи во културните настани ранливите категории и лицата со попреченост во развојот.

Водичот е прв од ваков вид во Макдонија и е објавен тријазично. Креиран е за да им помогне на музејските работници да создаваат програми наменети за децата/лицата кои се во спектарот на аутизмот и на нивните семејства. Според авторите – Јасмина Трошанска, Ана Шикалеска и Данијела Трајкова-Крстиќ, со соодветна поддршка овие лица можат да станат активен дел од општеството и да ги користат придобивките од ресурсите во културните институции во државата.

Водичот им дава на музејските работници одговори на најчестите прашања за лицата/децата со аутизам: колку тие разбираат и како вработените во музеите треба да постапуваат и да се однесуваат кон нив. Објавен е со грант на Делегацијата на ЕУ во Скопје во рамки на „2018 – Европска година на културното наследство“ и во соработка со ПОУ „Д-р Златан Сремец“ и Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА).

Претседателот на МНЗА Владимир Трајковски рече дека арт-терапијата дава ефекти врз стимулирање на когнитивниот и емоционалниот развој на децата со аутизам и води кон намалување на нивното деструктивно однесување.

– Постојат докази дека арт-терапијата кај децата со аутистичен спектар на нарушувања во специјалната едукација придонесува за позитивни промени на нивното социјално однесување, посебно кон нивниот фокус на внимание, истакна Трајковски.

Нагласи дека во Македонија досега многу малку се посветувало внимание за културните потреби на лицата со инвалидност и ја поздрави оваа иницијатива на Музејот на македонската борба кој, како што рече, заедно со Националната галерија на Македонија се единствени кои развиваат едукативни програми наменети за овие лица.

В.д. директорката на Музејот на македонската борба Даниела Николова рече дека од отврањето на нивната институција креираат програмски и едукативни активности за различни целни групи со кои им помагаат да се интегрираат во настаните на институциите од културата.

– Музеите, како и јавните институции, треба да бидат отворени за секого. Овојпат фокусот е на децата со аутизам и на нивните семејства, со цел нивна целосна интеграција. Сметаме дека со овој водич ќе помогнеме во отворањето нови иницијативи во македонските музеи со што оваа целна група ќе се чувствува убаво, сигурно и мотивирано, рече Николова.

Покрај промоцијата на Водичот, беше организиран и семинар за музејските работници, а утре во Музејот на македонската борба ќе биде организирана работилница за деца со аутизам.

Би можело да ве интересира

Турскиот музеј прогласен за најдобар во светот

Врв на стрела од бронзеното време направен од материјал кој не е од оваа планета

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Тенкови и хеликоптери „војуваат“ во Црвеното Море, фронтот на дното е покриен со корали

Со изложба одбележан Денот на музеите во Штип

Ана Ололовска

Бесплатен влез во МСУ – Скопје по повод Светскиот ден на културното наследство

Ана Ололовска

Бесплатен влез во музеите и археолошките локалитети

Ана Ололовска