Во Врбник откриени преку 500 колци, можно пронаоѓање куќи

Од:

До септември 2021 година ќе траат подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник кој се наоѓа на западното крајбрежје на Охридското езеро на излезот на Струга, во непосредна близина на населеното место Калишта.

Ископувањата почнаа на 12 aвгуст, а досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 метри квадратни, што е во просек околу една десетина од целата населба. Експертите кои учествуваат во проектот, велат дека е можно да бидат пронајдени на неколку куќи.

-Годинашните истражувања се насочени кон земање примероци од колците во претходно истражени и документирани делови од населбата, во времетраење од 20-тина дена, од август до септември. Паралелно со подводните истражувања се вршат и припреми за дендрохронолошки и карбон анализи, во просториите на Природно научен музеј Никола Незлобински – Струга, информираат од НУ Археолошки музеј.

Првите сознанија за локалитетот се добиени во 80-тите години на минатиот век, а систематски подводни археолошки ископувања се водат во континуетет од 1998 год.

Со досегашните истражувања е откриен исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, разновидни бронзени предмети: белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Предметите се откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 см и се простира по целата истражувана површина. Иако во најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба согласно археолошките наоди е 7 и 6 век пр.н.е.

Носител на проектот е НУ Археолошки музеј на РСМ, во соработка со Природно научен музеј Никола Незлобински – Струга и Универзитетот во Берн, Институтот за археолошки науки, Р. Швајцарија каде ќе се прават дендрохронолошките анализи.

Во проектот учествуваат Александра Папазовска, раководител на проектот, Валентина Тодороска, кораководител на проектот, Бојан Танески, подводен археолог, Цветлана Василевска, археолог, Андреј Мачковски, докторант за дендрохронологија и нуркачи од нуркачкиот клуб „Норкач“ и „Скаут“ во Струга.

Би можело да ве интересира

Статуи на Афродита и Дионис откриени во Турција

Ана Ололовска

Архелошоки наоди во Стибера, откриена агора, мермерна биста и артефакти

А1он

Археолошки сознанија: Трескавец култно место со голема античка населба

Ана Ололовска

Откриена вековна мистерија околу британски манастир

Ана Ололовска

На штипскиот локалитет Пилав Тепе откриена доцноантичка некропола

А1он

Завршија археолошките истражувања на локалитетот „Кале“ кај село Стари Град

Ана Ололовска