По повод Светскиот ден на џезот, и десетгодишниот јубилеј, вечерва во Занаетчискиот Дом во Куманово, концерт ќе одржи „Филип Стевановски бенд“.
Кумановската публика ќе има можност да слушне афирмирање на авторска џез музика и етно џез музика со примеси на македонскиот фолклор и неговиот карактеристичен ритам, македонските евергрини, во сопствен аранжман.
– Првиот дел ќе биде еден нов призвук на авторска џез музика, acid jazz, funk jazz, latin jazz, како и современ призвук на џез музика и во вториот дел од концертот авторска етно џез музика, но и преработка на Македонска традиционална музика во џез, латин џез, свинг, како и карактеристиките на македонскиот ритам, изјави Стевановски.
Филип Стевановски и неговиот бенд во изминатава децeнија издадоа неколку албуми и тоа авторскиот албум на Филип Стевановски со наслов „МИТ“ во 2009 – 2010 година, вториот „ Џез Фјужн“ во 2011 година, каде се застапени авторски дела, како и обработка на светски хитови во џез стил, третиот „Џез Фјужн 2“ веќе наредната година, кој е продолжение на претходниот. Четвртиот албум е снимен во живо и е со наслов „Музика“ во 2013 година каде се застапени најголемите хитови од таа година во џез преработки и во 2017 година е издаден последниот албум под наслов „Summer vibes“ кој што е во латино ритам и дел од авторска музика на Филип Стевановски бенд.
Концертот во Куманово всушност е прв концерт од Македонската турнеја на Филип Стевановски бенд и е проект на Министерство за култура од областа на фолклорот, музичката и музичко-сценската дејност, а во Куманово се одржува под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово и Фондација за култура и спорт на Општина Куманово.