Џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во Македонска филхармонија

Од:

Годинашното, трето по ред издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ ќе се одржи на 23 и 24 септември во Македонската филхармонија.

Идејни творци на фестивалот се џез музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.

„Крај Вардарот Џез” е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етно музика, кој веќе три години во континуитет на домашната публика и ги претставува најрецентните авторски остварувања, високо ценети и реномирани автори, но и млади, веќе наградувани и признaени таленти.

„Фестивалот произлезе од потребата да поддржиме една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светски современ израз. Со две изданија зад себе, и публика, која брои и до 2.000 посетители, „Крај Вардарот Џез” успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на „ПМГ Џез“ (суб-лејбл на издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“), кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез сцена во нашата земја. Заложбата на ПМГ Џез е, пред се, пронаоѓање, продукција, издавање и промоција на современа џез и етно (world) музика од домашни квалитетни автори. Досега има 34 изданија, а покрај вообичаениот формат на издавање на ЦД и во дигитална форма, ПМГ Џез досега има и 2 изданија на винил (грамофонска плоча): музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 1” и „Стела” на Љубојна. Оваа година ќе се појави и третиот винил, музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 2 – Нов Бран”“, велат Попов и Дробицки.

Првата, интернационална фестивалска вечер на 23 септември во Македонската филармонија ќе почне во 20 часот со извонредни музичари од регионот и настап на Спејс Трио (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез состав, Ејот (Eyot) од Ниш.

Спејс Трио / Space Trio (Бугарија) е формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот на „инстант композиција“ а ја води спонтаноста во изразот. Спејс Трио се современи слободни импровизатори и креатори на звук, неограничени од стил или класификација. Тоа се луѓе кои обрнуваат внимание на вибрациите, не како реакција на фиксирана идеална изведба, туку, како авантура и се чини, секогаш звучат различно. Членови на оваа формација се: Живко Братанов – пиано, Георги Ангелов – перкусии, Васил Хаџигрудев – контрабас. Специјално за настапот во Скопје на составот ќе му се придружи истакнатиот џез музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ (Светлост, Одрон Ритуал Оркестар).

EYOT (Србија) е најреномираниот српски џез состав во последнава деценија, во регионот и на светската сцена. Фронтмен е виртуозот на клавир Дејан Илијиќ, а составот го комплетираат: Милош Војводиќ на тапани, Марко Стојилковиќ, бас и Слаѓан Миленковиќ на гитара. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и источна Европа.

Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот со концертен настап на сега веќе култните „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација.

Оваа вечер, публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во досега невидено издание, во проширен состав-оркестар. Сетстат ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот три децениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонија. Сетстат имаат издадено 9 студиски албуми, а во очи на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10ти албум по ред.

Во оваа специјална вечер, пред Сетстат Оркестар ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla со соло изведба на авторска музика на шаркија.

Toka Shitet е уметничко име на Идриз Амети, кој има 4 студиски албуми зад себе. Како соло уметник свири на шаркија (традиционален балкански инструмент). Амети е присутен на музичката сцена од 1986 година и работи со различни бендови и уметници.

Би можело да ве интересира

Започнува 6.издание на Џез фактори фестивалот во Битола

Ана Ололовска

Светски познатиот пијанист Дејан Илијиќ и стипендист на Беркли настапува вечерва на „Крај Вардарот Џез“

Ана Ололовска

Почнува фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во Македонска филхармонија

Ана Ололовска

Во недела започнува Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес

Горан Наумовски

Концерт на Младинскиот оркестар при ЦК „Трајко Прокопиев“ во КИЦ на РСМ во Софија

Ана Ололовска

Меѓународниот ден на џезот во Битола одбележан со концерт на Тони Китановски Трио

Ана Ололовска