Во изминатите години не се водело доволно сметка за противпожарната заштита во музеите во Македонија. Тоа е штета бидејќи толку богатство се чува во тие институции. Таму е националниот идентитет.
Ова го изјави пензионираниот професор Крсте Богоески на денешната обука за вработените во музеите во Република Македонија, за дејство во случај на пожар. Прашање е, нагласи, колку во овие културни институции во изминативе години се водело сметка за противпожарни скали, хидранти и црева за гаснење на пожар.
Богоески е член на Извршниот одбор на Македонскиот национален комитет “Синиот штит”, кој секоја година организира одредени активности врзани за заштита на културното наследство во опасност. Говореше за безбедност на музејските колекции и заштита од пожар.
– „Синиот штит” кој ја организираше оваа средба е невладина организација што работи на прашањата на заштита на културното наследство што е во опасност од војна, пожар, поплава, кражби, одредени други дејствија, многу значајна организација која стручно помага за заштита на културните добра во музејските институции, појасни тој.
Форумот одржан во Музејот на Македонија во Скопје, е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Директорката на неготинскиот музеј, Драгица Чекорова рече дека оваа обука ќе помогне дополнително да се збогати знаењето околу противпожарната заштита на културното наследство како вистинско богатство на еден народ кое, како што рече, нема цена.