Во Чифте амам изложба на финалистите за наградата „Денес“

Од:

Вечерва, во Чифте амам ќе биде отворена Биеналната изложба по повод доделувањето на награда за млад визуелен уметник во Македонија „ДЕНЕС“ 2016.

Годинава номинирани се уметниците Маја Кировска со делото насловено „Филтер“, Драгана Заревска со „Телемама; свечена приредба“ , Ана Јовановска со делото „Дома сум“и Зорица Зафировска со „Споменик на непостоечкото“

Центарот за современи уметности – Скопје и Факултет за работи штo не се учат/АКТО- Битола/Скопје, како организации кои активно учествуваат во процесите на креирање на критичка и општествено ангажирана култура и уметност, сметаат дека во овој момент е приоритет на било кој општествен субјект да даде поддршка на граѓанското движење # ПРОТЕСТИРАМ.

– Сметаме дека местото на уметниците, на современата уметност и култура во моментот треба да биде со граѓаните во борбата за човекови права и слободи.
Исто така сметаме дека современата уметност не може да биде надвор од општествените процеси, изолирана и незаинтересирана за она што се случува на улиците.

Земајќи ги предвид сите овие причини, во екот на активностите на движењето # ПРОТЕСТИРАМ и борбата на граѓаните за слободно и праведно општество, оваа награда за млад визуелен уметник ДЕНЕС 2016, која се организира по 13-ти пат во земјава, и со која се овозможува на најдобриот автор да престојува на резиденцијален престој во ЊуЈорк, САД, сакаме да потенцираме дека е исто така дел од борбата за поставување на уметноста и културата како активен чинител во борбата за праведно и слободно општество.

Оваа награда треба да стане еден од реперите и водилките за младите уметници кои треба во слободно општество да ги развиваат своите творечки способности како дел од еден поширок општествен ангажман, и со тоа да ја позиционираат културата да биде на значајно и активно место во општествотo, велат организаторите.

Изложбата ќе биде отворена во 20, 30 часот, а перформансот на Драгана Заревска ќе се изведе со почеток од 21 часот. А ќе биде соопштен и добитникот на наградата.

Маја Кировска „Филтер“

Гледано од технички аспект, „Филтер“ е дело кое се состои од текстови испечатени со транспарентна боја и се нечитливи поради преклопеното поставување. Различните текстови можат да се прочитаат преку розови, сини, црвени или зелени очила. Тие се состојат од цитати за војната, мирот, животната средина итн. Цитатите кои се читаат преку розовите очила носат пооптимистична нота, оние кои се читаат преку сините очила – попесимистична, итн. Ова дело зборува за изборот на селективни аспекти на гледање на светот околу нас.

Драгана Заревска „Телемама; свечена приредба“

„Телемама; свечена приредба“ е 10 – минутен перформанс кој, во својот изглед и содржина, сублимира неколку елементи на училишни перформанси во какви што авторката учествувала кога била дете и кои се добро познати и на повеќето нејзини врсници. Во рамки на тој релативно конзервативен мизанцен таа пее авторски песни отсвирени на укулеле, а нивниот главен предмет на расправа е веќе долгогодишната авторитарна политичка слика во Македонија и местото на субјектот во истата.

Ана Јовановска „Дома сум“

„Дома сум“ е концепт дело кое предвидува да биде отворено за дополнување, менување и надградување. На тој начин тоа се преиначува за да повторно се самоутврди. Тоа е повеќе процес одошто прецртување на ситуација. Составено е од повеќе идејно заемно зависни единици: видео, објект, колаж, цртеж и графика.

Зорица Зафировска „Споменик на непостоечкото“

Ова дело е меморијал на длабоката потреба да се остварат основните законски права и слободи на секоја индивидуа во македонското, но и во светското општество.

Toa е еден вид на протест и претставува своевидна борба и верба во социјалниот напредок, за подобар живот и иднина. Ова дело се обидува да ја реафирмира длабоката верба во слободата, правдата, мирот и меѓусебното разбирање и почитување на сите поединци во општеството.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“