„Vita“ – мултимедијална изложба на Филип Петковски во МКЦ

Од:

Во МКЦ вечер ќе биде отворена аудио визуелна-изложба „Vita“ во режија на Филип Петковски.

„Vita“ е мултимедијална изложба која го критикува објективизирањето на женското тело и ја истражува женственоста и комплексноста на човечката емоција. Проектот вклучува краток филм во режија на Филип Петковски, авторски фотографии на Жарко Чулиќ, како и фотографии направени од непознати фотографи од првата половина на 20 век. Имено, овие црно-бели фотографии се едни од најраните извори што ја прикажуваат модата во тоа време, укажуваат на една поинаква естетика диктирана од социјалните норми на патријархалното општествено уредување и ни даваат една поинаква визија за концептот женственост.

Фотографиите ги прикажуваат субјектите во различни секојдневни ситуации или социјални збиднувања. Костимите на сликите се носии за невести или девојки од различни краеви на Македонија кои сопствениците рачно ги изработувале, а тој процес некогаш траел и до две години. Нивните одлики како техниката на везење, мотивите и боите прикажани во облековните елементи, материјалот од кои се изработени, како и начинот на украсување на главата и телото јасно укажуваат на нивната етничка припадност, социјален статус или економска состојба.

Во проектот учествуваат Наталија Теодосиева, Ана Мојсовска, Слаѓана Вујошевиќ, Анастасија Данчевска, Мими Поп-Алексова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Долорес Поповиќ.

Камерман и фотограф е Жарко Чулиќ, изложбата е во монтажа на Кирил Манчевски, а костимите се дел од приватните колекции на Филип Петковски, Антонио Стојчески и Ване Наков.

-Прашањето од каде се јави потреба за „Vita”, е ефемерноста на фотографиите на жените во минатото и минливоста на емоцијата која ја носат со себе: Кои се овие жени? Каков век векувале? Каде биле, и каде продолжиле по свечениот миг на фотографирање? Зошто никогаш не се насмеани? Биле ли малтретирани и тепани? Биле ли заљубени, среќни и задоволни од нивните животи? Биле ли исплашени за иднината?, истакна Петковски.

Тој додава дека невозможноста да се одговори на овие прашања е и главниот мотив да се фокусира на филм и фотографии што ја прикажуваат мултидимензионалноста на женственоста, јасно укажуваат кон емоционалните состојби на жените, а со тоа ни дозволуваат и на кратко да погледнеме во нивните животи.

Настанот ќе биде реализиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален а носењето маски и дезинфекција на рацете е задолжително за време на целиот настан.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“ во МКЦ

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”