Викендов во Скопје почнува седмиот по ред „Викенд на гордоста“ фестивал за квир култура и уметност. Почетокот е закажан во 21 часот во Музејот на современата уметност. Овогодишниот фестивал се отвора со перформансот на Рон Ејти – Акефално чудовиште, култен уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со неговите перформанси во рамки на изведувачките уметности и body arts. Викендот на гордоста оваа година се одржува во периодот 7-9 јуни и 14-15 јуни.
Носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 е GLITTERING WOUNDS (Светкави рани). Со оваа идеја сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект, и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија. Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме различни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на “настраните” и жените, како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста, отаде идентитетската препознатливост.
Најдобро познат по екстремното телесно осакатување, Рон Ејти се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении. По „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот. Во своето ново дело, Акефално чудовиште, Ејти се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.
Акефално чудовиште е соло-перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук.
Делата на Рон Ејти се изложени ширум светот во деведесеттите години, при што одредени теми, на пример таа за христијанските маченици, отворија филозофски дебати за природата на идентитетот, преиспитувајќи ги границите на уметничката практика. Во 2013 година беше објавена монографија за неговите дела: Pleading in the Blood, уредена од Доминик Џонсон.
Во рамки на фестивалот скопската публика ќе има прилика да гивиде некои од најзначајните совремни уметници, и да проследи перформанси на BOYCHILD, Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкра, промоција на постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата “Како да се биде геј” на еден од основоположниците на квир теоријата – Дејвид Халперин, изложба на Дел Лагрејс Волкано, спектакуларно дрег шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и Скопје, како и традиционалното СРАМОТА на ПичПрич.