Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше свое обраќање на настанот по повод Денот на македонскиот јазик.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека Владата искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет, и во таа насока прогласувањето на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвои азбуката на македонскиот јазик и кириличното писмо како официјална азбука и писмо, е една од обврските за исполнување на овој завет, што ги презеде Владата од 2017 година наваму.
На настанот, на кој присуствуваа бројни претставници на политичката, општествената и академската јавност, свои обраќања имаа и министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска, претседателот на Советот за македонски јазик професор Људмил Спасов, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
„Јазикот е наша татковина“ – Со оваа порака, основоположникот на современиот македонски јазик, Блаже Конески, ни остави завет за негово чување, негување и унапредување, како еден од столбовите на нашиот идентитет.
Прогласувањето на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик и кириличното писмо како официјална азбука и писмо, беше една од обврските за исполнување на овој завет, што ги презеде Владата од 2017 година наваму“, рече Претседателот на Владата.
„Денес, македонскиот јазик со својата посебност е признат во целиот свет. Впишан во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земјите членки на Обединетите нации.
Оваа Влада искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет. Ја продолжуваме поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик. Македонскиот јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова, Оливера Ќорвезировска, Румена Бужаровска, Лидија Димковска и на плејада други претходни и сегашни литерати кои низ годините наназад оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо“, кажа премиерот Ковачевски.