Во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид на 17 септември по 33-ти пат ќе се одржи манифестацијата „Охридски староградски средби“.
На реномиран музички собир годинава ќе настапат Градскиот хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид, КУД „Рацин“ од Кичево, Групата „Акустико„ од Кавадарци, КУД „Илинден“ од Битола, Градскиот хор „Штип 2019“, КУД „Пере Тошев“ од Прилеп, Групата „Распеани Радовишани“ и Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид.
Настапот на учесниците е предвиден за од 19 часот на платото пред Центарот за култура со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.
Манифестацијата финансиски е поддржана од Министерството за култура, како активност насочена кон обновување на старите градски музички традиции.
Фестивалот „Охридски староградски средби“ беше осмислен како манифестација насочена кон афирмирање на вредностите на староградскиот мелос, но и зачувување на музичките посебности и песни карактеристични за градовите во Македонија кои со децении се препејувале и на тој начин пренесувале низ генерациите.
Прв пат „Охридските староградски средби“ беа одржани во 1975 година и манифестацијата традиционално се одржуваше секоја година до 1996 година. После 11-годишен прекин манифестацијата беше обновена, со цел продолжување на охридското културно лето.