Трета година од археолошкиот проект за истражување на Охридскиот Регион

Од:

Археолошкиот музеј од Скопје во соработка со Карловиот универзитет од Прага трета година го реализира проектот „Погранични студии – истражување на идентитетот и културните контакти во пограничната област на античка Македонија во регионот на Охридското Езеро“. Во третата сезона, во која се вклучија и Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешке Будејовице и Геолошкиот истражувачки центар од Чешка, преземени се геолошки истражувања.

– Главната цел на овие геолошки истражувања е да се реконструира пејзажот, да се истражат климатските промени, како и животните навики на популацијата која го населувала специфичниот охридски езерски регион, во кој воедно се појавува и елитата што се погребувала на некрополата кај Требениште, информира Археолошкиот музеј.

Во првите две истражувачки кампањи од проектот се изврши рекогносцирање на населби и некрополи во Охридско-преспанскиот регион, опфаќајќи ја Охридската Котлина северно од езерото (Струга и Охрид) и Преспанската Котлина, кои хронолошки припаѓаат на периодот од бронзеното време па сè до потпаѓањето на овој регион под римска власт. Од истражувањата се добиени значајни археолошки резултати со кои делумно би можело да се реконструира животот во овој регион во минатото.

– Меѓутоа, со развојот на археологијата како наука и пред сè со вклучувањето напредни технологии, се отвораат нови видици и можности со кои би се лоцирале поголем број археолошки локалитети од нведените периоди, би се утврдила нивната евентулна поврзаност и би се докомплетирала сликата за овој доста значаен археолошки регион. Рекогносцирањата дадоа поконкретни и попрецизни податоци за населбите и некрополите од првиот милениум п.н.е. во регионот, се утврди нивната распространетост и организација и нивниот сооднос за кој имавме индиции дека постои, соопшти Археолошкиот музеј.

Од натамошните активности во рамки на овој проект, истражувачите очекуваат да добијат одговори на прашањата – како меѓурегионалната поврзаност и еволуцијата на животната средина влијаеле врз развојот на населбите, како е издвоен идентитетот на елитата во регионот на Охридското Езеро во споредба со ситуацијата во јужна Македонија и Пелагонија, дали е можно да се реконструираат процесите на централизација во регионот симболизирани во основањето на утврдените населби на стратешки места околу езерото итн.

Раководители на проектот се Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј и Марек Верчик од Карловиот универзитет, а со геолошките истражувања раководи Јаромир Бенеш од Универзитетот на Јужна Бохемија.

Би можело да ве интересира

Повеќекратни неандерталски населувања во пештерата Голема Пешт во Поречјето

Ана Ололовска

Пронајдени коски од 14 мамути стари 14.000 години: Најголемото откритие досега

Татјана Ташкова

Почнува третата фаза од изработката на мастер планот за конзервација на Стоби

Ана Ололовска

Музејот во Штип работи на три локации на локалитетот „Баргала“

Ана Ололовска

Палеонтолошкиот локалитет Стамер прогласен за природна реткост

Татјана Ташкова

Археолошки истражувања на „Кртозов рид” кај кавадаречко Дреново

Ана Ололовска