Македонскиот народен театар утревечер на малата сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Тероризам“ по текст на современите руски автори, браќата Олег и Владимир Пресњаков. Режисер е актерот од МНТ Јордан Симонов, кому оваа претстава му е магистерски труд – завршен испит на постдипломските студии по режија на ФДУ, во класата на Слободан Унковски.
Текстот е напишан во 2000 година, пред да се случат драматичните терористички напади во светот, и пред популаризирањето на зборот тероризам. Го отвора прашањето за влијанието/притисокот на глобалниот тероризам на микрониво, врз обичните луѓе, и како тие се снаоѓаат во такви ситуации. Драмата е напишана фрагментарно, во пет навидум неповрзани приказни, и носи непредвидливост и драматичност карактеристична за делата на руската апсурдна комедија од почетокот на 20 век.
– Дали тероризмот е наша антрополошка зададеност и дали во секој од нас свесно или несвесно лежи терорист е прашањето што го поставува овој текст. Тој носи природен дијалог со призвук од улицата на Русија и реплики кои се универзални и може да се залепат во сите средини, истакна на прес-конференција Симонов, кој текстот самиот го избрал за својот завршен испит на постдипломските студии.
Текстот досега бил поставен на 15-ина светски сцени, меѓу кои и во Њујорк и Лондон, а пред десет години и во Велешкиот театар. Според Симонов, делата на браќата Пресњаков се неправедно запоставени во македонскиот театар и треба да бидат поприсутни кај нас зашто, рече тој, се работи за интересни и еминентни автори на постсоветска Русија.
За неговото режисерско деби помогнало големото искуство на театарски и филмски актер. Тоа ја олеснило и работата со актерската екипа. – Интересно е да се работи со режисер-актер. Добро и бргу се разбравме поради неговото актерско искуство, рече актерот Сашко Коцев.
Александар Микиќ истакна дека е среќен што игра во првата режија на својот колега-актер. – Претставата има 13 брилијантни лика, секој со почеток и крај, кристален карактер и кристални намери, рече Микиќ.
Покрај Коцев и Микиќ, во актерската екипа се и: Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Марија Новак, Кире Ѓоревски, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев и Драгана Левенска. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, музиката е на Горан Трајковски, а автор на плакатот и на анимацијата е Срѓан Јаниќијевиќ.
Директорот на МНТ Дејан Лилиќ рече дека „Тероризам“ е нивни самостоен проект и дека во наредниот период ќе биде интензивно играна на малата сцена на театарот.
Фото: МИА