Театри од шест земји на првиот меѓународен фестивал „МНТ Фест“

Од:

Македонскиот народен театар од денеска до 5. јуни  ќе биде домаќин на првиот меѓународен театарски фестивал  „МНТ Фест“, на кој ќе гостуваат големи продукции и познати режисерски имиња. Ќе учествуваат националните театри на Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија и на Азербејџан и Шекспировиот театар „Глоуб“ од Лондон.

Фестивалот вечер ќе почне со „Вечната куќа“ на МНТ во замена на најавената „Како што милувате“ на Државниот театар од Тбилиси. Неговото гостување се поместува за втората половина на јуни поради поплавите во Србија, која заедно со Македонија е во агендата на Грузијците за турнеја.

Утревечер ќе биде 50-тата изведба на монодрамата „Сребрена свадба“ со актерката Катина Иванова, во режија на Звезда Ангеловска. На 27 мај Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе ја изведе „Лет над кукавичкото гнездо“ на познатиот режисер Александар Морфов, Националниот театар од Азербејџан ќе се претстави на 28 мај со „Мене…нас…“ во режија на Гунер Сатај, на 29-ти Црногороско народно позориште ќе ја изведе  „Everyman Dzilas“ на режисерката Радмила Војводиќ, „Медеја“ на Томаж Пандур во изведба на Хрватско народно казалиште ќе гостува на 31 мај, Народно позориште од Белград на 3 јуни доаѓа со „Народен пратеник“ на режисерот Саша Габриќ, а театарскиот бренд „Глоуб“ од Лондон на 5 јуни ќе има две изведби на „Хамлет“ (од 16 и од 20 часот) во режија на Доминик Дромгул и Бил Бакхарст.

Според раководството на МНТ, со новиот меѓународен фествал почнале да го создаваат новото лице на МНТ како сериозен национален театар по теркот на националните театарски куќи од Европа и за да стане важен центар во Југоисточна Европа – и по својата продукција и по поврзувањето со други национални театри.

– На фестивалот доаѓаат огромни театарски продукции, со 50 до 60 луѓе од национални театри, кои ќе бидат и наши идни соработници на големи проекти, рече уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференција. За време на фестивалот ќе бидат објавени две копродукции со големи театарски куќи  за проекти во 2015 година.

Билетите за првиот „МНТ-Фест“ ќе бидат по 300 денари за сите претстави, освен за гостувањето на „Глоуб“ за кое влезницата ќе биде 500 денари.

Театарот на Шекспир „Глоуб“ од Лондон е и прв добитник на наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот.  Наградата ја симболизира театарската традиција на македонската почва и ќе се доделува секоја година.

– Наградата  за исклучителни естетски достигнувања ќе се доделува на автори или театарски институции за нивниот придонес во театарската уметност, соопшти Пројковски.

На познатиот театар со четиривековна традиција наградата ќе му биде доделена на затворањето на „МНТ Фест“ на 5 јуни, а МНТ ќе организира и трибина со гостите од „Глоуб“ на која тие ќе говорат за процесот на нивната работа.

„МНТ Фест“ ќе има и богата програма пред претставите – средби и разговори со режисери, актери, со претставници на сценската техника,  суфлери…. Во „Мојот театар“ ќе има средби со режисерите Морфов и Војводиќ, а во „Двајца за чај“ на 28 мај, 3-ти и 4 јуни ќе гостуваат актерите Тони Михајловски, Никола Ристановски и Сенко Велинов. Меѓу содржините на фестивалот е и промоција на книга драмски текстови од Срѓан Јаниќиевиќ.

За првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ Министерството за култура одвои 3 милиони денари, а вкупниот буџет ќе биде дополнет со поддршка од спонзори и од приходот што театарот го има од продажба на влезници.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска