Театри од Русија, САД, Кина, Германија… на „Битола Шекспир Фестивал“

Од:

Националниот театар од Пекинг со претставата „Ричард Трети“, театарска компанија од Лајпциг со „Крал Лир“ и театарска компанија од Амстердам, Холандија, со „Отело“, ќе гостуваат на првиот „Битола Шекспир Фестивал“ што ќе се одржи во јули годинава.

Како што соопштија денеска градоначалникот Владимир Талески и директорот на НУ Народен театар Валентин Светозарев, согласно програмата која е веќе утврдена, на фестивалот ќе учествуваат и мини театарот од Љубљана  со претставата „Магбет“, како и Српското народно позориште со изведба на „Хенри Шести“ – прв дел.

Градот, нагласија, е подготвен да ги пречека сите гости од државата и странство.

Во Битола ќе настапи и Националниот театар од Тирана со „Хенри Шести“ – втор дел, а театарска компанија од САД ќе се претстави со претставата „Бура“.

„Битола Шекспир Фестивал“ ќе биде отворен со македонската „Ромео и Јулија“ како копродукциски проект со театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Русија.

– На логото на „Битола Шекспир Фестивал“ се претставени пронајдената трагична маска од Хераклеја која датира од 2 век по нашата ера и ликот на Шекспир. Со ова лого потврдуваме дека нашата театарска традиција е многу долга. Подготовките за фестивалот се во тек зашто имаме поддршка од Министерството за култура и општина Битола, истакна Светозарев.

Шекспировиот Хамлет прв на македонската театарска сцена го одиграл битолскиот актер Ацо Стефановски, а во избраното друштво големи актери се и Мето Јовановски, Ѓорги Јолевски, Дејан Лилиќ, како и битолскиот градоначалник Талески.

Според Светозарев, на сцената на битолскиот театар делата на Вилијам Шекспир биле најпоставувани и тоа е само една од причините за организирање ваков фестивал кој, најави, ќе биде традиционален.

– Уметниците знаат дека класиката е вистинскиот „кантар“ за професионалноста, за квалитетот, за актерската игра и за режијата. Вистинските вредности се мерат споредени со светските вредности, со делата на Шекспир. Со оглед дека нашиот е најстар театар во Македонија и воедно е извонредно технички и технолоки подготвен, нема сомнеж дека ќе бидеме домаќини на светски настан. Концептот на „Битола Шекспир Фестивал“ може да се оствари само во Битола, рече Талески.

НУ Народен театар – Битола денеска ја промовираше новата интернет страница на која може да се прочитаат информации за репертоарот, историјатот и други содржини поврзани со театарот.

Би можело да ве интересира

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска