Театарот „Гавела“ гостува на МОТ со „Три сестри“ на режисерот Унковски

Од:

Во Македонската опера и балет вечер во рамки на 39. Млад отворен театар (МОТ) ќе гостува театарот „Гавела“ од Загреб со претставата „Три сестри“ од Чехов во режија на Слободан Унковски.

Во сценската постановка на една  од најзначајните драми во историјата на литературата, играат  Јелена Михољевиќ, Дијана Видушин, Ивана Рошчиќ, Бојана Грегориќ Вејзовиќ кои ќе ги оживеат ликовите на  Олга, Маша, Ирина, Наталија Ивановна.

– Вечната драма за потрагата по среќата и по некој различен вид на живот, повеќеслојниот класик за невозвратената љубов, потиснатите чувства и неискажаните мисли, одбива да морализира, да обвинува или проповеда, туку се обидува да го разбере човекот, непостојан во своите слабости и доблести. Чехов не е од оние писатели што создаваат ликови поголеми од нив самите и од нас, туку напротив – тој е целосно присутен во блискоста, топлината, ненаметливата духовитост и секојдневната тага. Да се приближи неговиот уникатен свет до публиката, во никој случај не е едноставна задача, па токму затоа таа му е доверена на македонскиот театарски режисер Слободан Унковски, кој има поставено стотици претстави во текот на својата долга и богата кариера и претставува еден од најуспешните и, несомнено, најнаградуваните режисери во регионот, соопшти Младинскиот културен центар, организатор на МОТ.

Ова е прва режија на Унковски во Хрватска, кој досега има голем број постановки на сцените во други центри, како Белград, Љубљана,  Москва, Атина.

Во Младинскиот културен центар, пак, вечер ќе гостува „Маска“ од Љубљана со претставата „Сите заедно сега!“ во режија на Маре Булц.

Се работи за театарско-музички проект со музичари како изведувачи, во кој   режисерот ги соочува своите соработници со формулата: државата е музичка група, жителот на државата е музичар, а миграцијата од една држава во друга е како преминување на музичарот од една во друга група.

– Преку процес на импровизација и проби, креаторите ја испитуваа премисата дека за политичките, економските, емотивните и други видови миграции може да се зборува преку миграцијата на музичарите. Ова беше влезната точка во процесот на работа, кој го утврди патот на создавање на претставата. Сепак, тоа не го ограничи нејзиното значење. Поради својата музичка суштина и колажната драматургија, текстот може да се чита и сосема поинаку. Проектот го театризира музичкиот материјал со цел да се анализира миграцијата, неможноста за миграција, заминувањето и останувањето, причините за да се истрае и да се замине. Изборот на нетеатарски музички изведувачи овозможи услови за исклучителен креативен процес, а на режисерот му приреди уникатен предизвик да се театризира детеатризираната музичка ситуација, информира МКЦ.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска