Библиотеката „Искра“ од Кочани денеска го одбележа 2 Април – Меѓународниот ден на литературата за деца, под мото „Другарувањето со книгите ни е песна“.
Се одржа фестивал на децата, книгата и музиката, на кој учествуваа 350 ученици од петте кочански основни учлилишта, од градинката „Павлина Велјанова“ и од центрите за изучување странски јазици кои работат во општината.
– Проектот се реализира со финансиска помош на Министерството за култура и со поддршка на локалната самоупрва на Кочани. Настојувавме низ игра и музика да ја доближиме книгата поблиску до децата, нашите потенцијални читатели, изјави Магдалена Кочова-Салтирова, библиотекар и координатор на проектот.
Активностите од одбележувањето на Светскиот ден на литературата за деца ги следеше и делегација од Руската амбасада во Македонија.
Во рамки на активностите се одржа средба со писателката за деца Билјана Црвенковска, а на креативната ликовна работилница учествуваше илустраторката Катерина Николовска.
Манифестацијата во Кочани беше збогатена и со настап на поетот за деца Александар Поповски, добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга за деца во 2016 година.
На авторите на најуспешните поетски и ликовни творби од конкурсот по поводот Светскиот ден на литературата за деца им беа врачени награди и признанија.