Музеите во Македонија денеска со изложби и активности ќе го одбележат Светскиот ден на музеите 18 Мај, а некои од нив утре ќе се придружат на манифестацијата „Европска ноќ на музеите“.
Влезот на Музејот на Македонија денеска ќе биде бесплатен за посетителите на кои ќе им биде подарена публикација. Во рамки на „Европската ноќ на музеите во Република Македонија“, Музејот на Македонија утре ќе биде отворен од 19 до 1 часот по полноќ, а од 21 часот утревечер концерт ќе одржи групата „Next to Silence“.
Покрај постојаните поставки – Етнологијата во Македонија (народни обичаи, традиционални музички инструменти, народни носии и накит, покуќнински предмети, народни ткаеници, традиционални занаети, нардоно стопанство и традиционална архитектура) и историската поставка: Македонците бегалци од Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949, во Музеј на Македонија ќе може да се види и привремената изложба: Ликовни дела на Васко Ристовски „Македонска наивна уметност“.
Археолошкиот музеј на Македонија денеска ќе ги промовира новите простории на најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во Македонија. Фондот на библиотеката има повеќе од 6000 книги (со преку 20.000 стручни и научни трудови од домашни и странски автори).
Создаван е во текот на 57 години од формирањето на првата библиотека при Археолошкиот музеј во 1961 година. Меѓу бројните книги се и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.
Светскиот ден на музеите со две тематски изложби ќе го одбележи и Природонаучниот музеј. Од денеска до 10 септември во овој музеј ќе бидат поставени геолошко-палеонтолошката изложба „Раѓањето на Фрушка Гора“ од д-р Иван Дулиќ и „Карпи – скриени бои и форми“ на Дарко Тимотиќ.
На изложбата „Раѓањето на Фрушка Гора“ ќе бидат изложени над 230 фосилни родови и видови на морска и слатководна фауна, копнена вегетација и остатоци од плеистоценски цицачи, од кои најстарите се од пред 70 милиони години. На изложбата се прикажани и пресеци на магматски, метаморфни и седиментни карпи од Тетискиот Океан (од пред околу 250 до 40 милиони години).
Во рамки на изложбата „Карпи – скриени бои и форми“, пак, авторот Дарко Тимотиќ на повеќе од 30 фотографии од уметничка гледна точка
преку макрофотогрфии на пресеци на најинтересните примероци на карпи, минерали и скапоцени камења од целиот свет, ја доловува убавината на геолошкиот диверзитет, со посебен акцент на примероци од различни локалитети во Србија.
По повод Светскиот ден на музеите, Македонскиот национален комитет на ИКОМ (Меѓународен совет на музеите), денеска во 14 часот во Музеј на Град Скопје ќе ги додели наградите за 2017 година, по објавениот Конкурс за особени достигнувања во музејската дејност.
Ќе додели награди во четири категории: Музеј на годината, Музејски проект на годината, Музејски работник на годината и Надворешен музејски соработник.
Светскиот ден на музеите традиционално се одбележува на 18 мај од 1977 година, со цел да се подигне свеста за важноста на музеите и културното наследство во развојот на едно општество. Утврден е од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ (ICOM – International Council Of Museums) кој е формиран во 1946 година.
Целта на основањето на ИКОМ е да се создаде мрежа на музеи и музејски професионалци од земјите од светот кои се грижат за културното и за природното наследство. Република Македонија се вклучи во таа мрежа во 1993 година, со формирањето на Македонскиот национален комитет (МНК) на ИКОМ.