Со детската претстава „Потрага по Дедо Мраз“, посветена на најмладите, на градскиот плоштад во Ресен денеска заврши месецот на културата што се одржуваше во организација на Домот на културата „Драги Тозија“.
Најмладите Ресенчани, како што истакна директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски, старата година ја испратија со Дедо Мраз, магионичарот Марло, кловнот Заги и девојчето кое беше во потрага на најпознатиот дедо во светот.
Драмската секција при Домот на култура, синоќа ја одигра театарската претстава „Испревртена цивилизација“, во преполната кино сала во Ресен.
Публиката воодушевено ја проследи театарската претстава и се насмеа до солзи. Со огромен аплауз беа наградени аматерите-актери, кои со цела вложена енергија покажаа дека владеат со театарската сцена, што за нас, како Дом на културата е голем предизвик, истакна Василевски.
Во гимназијата „Цар Самоил“, додаде, организирале поетско-литературна интерактивна средба со писателот Радован П. Цветковски, познат и признат доајен во македонската литература.
Учениците покажаа голем интерес за неговата писателска, критичарска и научна дејност, во неговата 45 годишна писателска кариера. На овој начин успешно го заокруживме месецот на културата во Општина Ресен, заклучи Василевски.
Месецот на културата во Ресен се одржа под покровителство на градоначалникот на Општина Ресен Ѓоко Стрезовски, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.