СКРМ: Има позитивна реакција од Владата за колективен договор во културата до крајот на годинава

Од:

Има позитивна реакција за потпишување на колективниот договор во културата до крајот на годината, изјави претседателката на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) Сања Арсовска по едночасовната средба во Владата со премиерот Зоран Заев. За две недели ќе имаат нова средба за да ги усогласат ставововите.

Претседателот на Владата го покани СКРМ за денешната средба на 8 октомври кога Синдикатот организираше предупредувачки марш за да потсети да се потпише колективен договор во дејностите од културата. СКРМ на 20 јуни донесе одлука за штрајк доколку до крајот на септември тоа не се случи и поради тоа пред 15-ина дена го организираше протестот „Колективен сега!“

Со колективниот договор треба да се уредат платите и коефициентите според сложеноста на работните места и точно ќе се уредат условите за надоместоците на плата.

Арсовска изјави дека на средбата во Владата денеска доставиле предлог со направени пресметки, кои биле разгледувани.

-Има правни работи и неправилности направени во минатото и треба да изнајдеме начин како најбезболно да се решат за да не настане штета. Она за кое сите се согласивме е дека колективниот договор треба да биде правичен за сите, изјави Арсовска по средбата.

Засега штрајк ќе нема но, како што рече, му предочиле на премиерот дека имаат донесено одлука за штрајк и дека таа во секој момент може да биде активирана.

-Секако, ќе почекаме одреден период да видиме како ќе се одвиваат преговорите. Премиерот изрази волја да биде вклучен во целиот процес на преговорите за колективниот договор, така што за две недели закажавме повторна средба на која ќе бидат разгледани новите ставови и како ќе се одвиваат работите за заеднички да одлучиме што понатаму, сè со цел колективниот договор да се потпише до крајот на годинава, истакна Арсовска.

На средбата со премиерот Заев присуствувале и министерот за култура Хусни Исмаили, националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски, претставници од Министерството и од СКРМ.

Би можело да ве интересира

СКРМ и СОНК со опомена за тужба до Министерството за култура поради прекршување на колективниот договор

Ана Ололовска

СКРМ добил понуда одредбите за плати да се спроведат од јули 2020

Ана Ололовска

Еднодневен предупредувачки штрајк во институциите од културата

Ана Ололовска

СОНК утре ќе го поддржи штрајкот во културата најавен од СКРМ

ВИДЕО: Чиновниците во министерството се сервис, за културата и нашиот статус одлучуваме ние

Ана Василевска

СКРМ стана репрезентативен синдикат за вработените во културата

Наум Локоски