Шест претстави на 9. „Лица без маски“ од 9-ти до 12-ти април

Од:

Под мотото „Остани стабилен“, од 9-ти до 12 април ќе се одржува деветтиот Итернационален театарски фестивал „Лица без маски“ посветен на професионалната независна театарска продукција, која негува алтернативен и експериментален театар.

Во четирите фестивалски дена ќе бидат изведени шест претстави – една од Македонија и пет се гостувања на театри од Србија, Романија, Грција, Русија и од Италија.

Организатори на фестивалот се независниот „Театар 007“ и Конгресен центар „Александар Македнонски“-Скопје (Универзална сала), под покровителство и со финансиска поддршка на Град Скопје и Министерството за култура.

Фестивалската програма денеска на прес-конференција ја соопштија директорот на „Лица без маски“ Миодраг Костиќ и селекторот Игор Ивковиќ.

– Како и секоја година, и оваа се трудиме на скопската и македонската публика да и понудиме претстави со алтернативен, експериментален и авангарден предзнак. Претставите се на еминентни и докажани независни театарски продукции од светот, рече Костиќ.

Деветтиот „Лица без маски“ в сабота во 20 часот ќе биде отворен на малата сцена во Македонската опера и балет со музичката комедија „Собуј ги чевлите“ на приватниот театар „Лудум, лудум театар“ и Кинозоик агенција од Белград, каде што претставата за три месеци постигнала голем успех.

На 10 април на малата сцена на МОБ ќе гостува романскиот театар „Креирај, глуми, уживај“ од Клуж – Напока, кој на „Лица без маски“ гостуваше пред три години. Овојпат ќе настапи со мултимедијален проект „Галаксија“ кој раскажува за настанокот на светот и човекот во светот, односно за кореспондирањето на микрокосмосот и макрокосмосот.

Во понеделник, 11 април, на програмата се две претстави на малата сцена во МОБ – од 20 часот е визуелната приказна за историјата на Грција „19 Мај“ на грчкиот театар „Онеироу технитис“ од Атина, а од 22 часот ќе настапи независниот театар „Фабрика“ од Скопје со претставата „Госпоѓица Јулија“. Таа е единствена македонска претстава на годинашниот фестивал зашто од здравствени причини на една од актерките е откажана „Алма Малер“ која била планирана во програмата.

Двете претстави на последниот ден од фестивалот, 12 април, ќе бидат изведени на сцената на „Театар Комедија“ – од 20 часот е руската „Рефлексии“ на 32. Физички театар од Таганрод, а од 22 часот италијанската „Ромео и Јулио“ во изведба на театарот „Болоњиникоста“ од Рим. За ови две селекторот Ивковиќ посочи дека се работи за визуелно впечатливи претстави кои отвораат навидум табу, но суштински теми.

– Се обидовме и оваа година да имаме програма која навидум ќе биде контроверзна и во исто време провокативна, затоа што овие претстави покрај свежината во естетиката што ја нудат, содржински допираат и актуелизираат многу горчливи теми за кој било човек на светот. Зборуваат за љубовта, прифаќањето на различностите, за рамноправноста, за теми кои се важни за ова заболено глобално општество, рече Ивковиќ.

Програмата е натпреварувачка и шесте претстави ќе бидат во трка за трите фестивалски награди: Гран-при за најдобра претстава во целина, награда за најдобра актерска игра и награда за најдобра режија. Нив ќе ги оценува жири во кое се режисерот Синиша Евтимов и актерките Ирена Илиевска и Магдалена Ризова-Черних. Наградите ќе бидат доделени на затворањето на фестивалот во вторник.

Покрај претстави, секој ден од 11 часот на сцената во Универзална сала ќе се одржуваат и работилници кои ќе ги водат гостите-учесници на фестивалот.

Цената на влезниците за претставите на 9. „Лица без маски“ е по 200 денари. Може да се купат на билетарницата на Универзална сала и на двете сцени каде што ќе се одржува фестивалот (МОБ и Театар Комедија)

Би можело да ве интересира

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска