Шекспировиот театар „Глоуб“ прв добитник на наградата на „МНТ Фест“

Од:

Театарот на Шекспир „Глоуб“ од Лондон ќе ја добие наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот, која првпат оваа година ќе ја додели Македонскиот народен театар на првиот меѓународен театарски фестивал „МНТ Фест“.

–  Наградата ја симболизира театарската традиција на македонската почва и ќе се доделува секоја година. Наградата  за исклучителни естетски достигнувања ќе се доделува на автори или театарски институции за нивниот придонес во театарската уметност, соопшти денеска на прес-конференција Дејан Пројковски, уметнички директор на МНТ.

Наградата на „Глоуб“ ќе му биде доделена на затворањето на „МНТ Фест“ на 5 јуни, кога познатиот театар со четиривековна традиција ќе ја изведе претставата „Хамлет“ во два термина, од 16 и од 20 часот. Режијата е на Доминик Дромгул и Бил Бакхраст. МНТ ќе организира и трибина со гостите од „Глоуб“, на која тие ќе говорат за процесот на нивната работа.

– „Глоуб“ театарот е една од институциите кои ја трасираат новата визија каде треба да се движиме, посочи Пројковски, зборувајќи за изборот на првиот добитник на нововостановената награда. Нејзиното име МНТ не го отркива до свеченото доделување. Се работи за статуетка поврзана со Скопје.

Мотото на „Глоуб“ е дека светот и театарот се едно и затоа познатиот британски театар почна двегодишна турнеја за изведба на драмите на Вилијам Шекспир во секоја земја во светот. Таа почна на 26 април годинава, на 450-годишнината од раѓањето на Шекспир (1564-1616), а треба да заврши на 23 април 2016 кога ќе бидат одбележани 400 години од смртта на славниот драматург.

Театарот „Глоуб“ пред две години беше домаќин и на Културната олимпијада со над 600 учесници, на која  37 театри од светот на свој јазик изведоа по едно од 37-те дела на светскиот драматург и поет. Меѓу нив беше и Битолскиот театар кој во „Глоуб“ на македонски јазик го изведе третиот дел од „Хенри Шести“ во режија на  Џон Блондел од САД.

Првиот меѓународен театарски фестивал „МНТ Фест“ ќе почне задутре, 25 мај, со „Вечната куќа“ на театарот-домаќин, за која влезот е слободен. Фестивалот требаше да го отвори Државниот театар од Тбилиси. Неговото гостување се поместува за втората половина на јуни поради поплавите во Србија, која заедно со Македонија е во агендата на Грузијците за турнеја.

За помош на луѓето од поплавените подрачја во соседните земји ќе биде приходот од претставата „Народен пратеник“ на Народно позориште Белград на 3 јуни.

Во понеделник на фестивалот ќе биде 50-тата изведба на монодрамата „Сребрена свадба“ со актерката Катина Иванова, по текст на Габриел Гарсија Маркес, во режија на Звезда Ангеловска, која премиерно беше поставена во 2010 година.

Како што МНТ веќе најави, на 27 мај Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе ја изведе „Лет над кукавичкото гнездо“ на познатиот режисер Александар Морфов, Националниот театар од Азербејџан ќе се претстави на 28 мај со „Мене…нас…“ во режија на Гунер Сатај, на 29-ти Црногороско народно позориште ќе ја изведе  „Everyman Dzilas“ на режисерката Радмила Војводиќ, „Медеја“ на Томаж Пандур во изведба на Хрватско народно казалиште ќе гостува на 31 мај, Народно позориште од Белград на 3 јуни доаѓа со „Народен пратеник“ на режисерот Саша Габриќ.

„МНТ Фест“ ќе има и богата програма пред претставите – средби и разговори со режисери, актери, со претставници на сценската техника,  суфлери…. Во „Мојот театар“ ќе има средби со режисерите Морфов и Војводиќ, а во „Двајца за чај“ на 28 мај, 3-ти и 4 јуни ќе гостуваат актерите Тони Михајловски, Никола Ристановски и Сенко Велинов. Меѓу содржините на фестивалот е и промоција на книга драмски текстови од Срѓан Јаниќиевиќ.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска