Рецензија „Хомо“: Темната страна на месечината и будењето на хомо сапиенс

Од:

Ако навистина во последните мигови пред смртта животот си го гледаме како на филмска лента, тогаш лентата во филмот „Хомо“, пак реверзибилно го отсликува човечкото битие какво што вообичаено не сакаме да го видиме.

Таму каде што одлучуваш да ги затвориш очите, „Хомо“ ги отвора драматуршки силно во визуелен ритам и со автентичен режисерски приод.

Приказната за шест човечки суштества прогонети од искушенија, ниски страсти, несносливи околности и нивната „среќа“ да се пронајдат некаде меѓу лавиринтите на урбаното секојдневие во третиот игран филм на Иванов ни носи зрело синеастичко остварување кое од повеќе причини ќе стане референтно во домашната кинематографија. Предностите на најновиот филм на Игор Иванов-Изи во однос на голем дел од „амбициозните“ филмови е пред сè во фактот дека постоечката реалност што тој ја верификува воскреснува пред нас во сето изобилство на својата нефалсификувана стварност. Погледот кон животот и светот на Иванов, кој го пренесува и во претходните два долгометражни филма („Превртено“, „Соба со пијано“), а главно го одредуваат двете доминантни теми на љубовта и смртта, едната негација на другата, не треба да се гледа како продолжение во „Хомо“ туку како проширување на оваа развојна линија која и формално и содржински е збогатена. Оригиналноста и зрелата експресивност не го нарушуваат концептуалното единство на филмот.

Отворање на сиот колорит од ликови е како поглед во каледиоскоп. Потпрени на сценарио (Иванов, Сашо Коколанов) кое конечно не е уништено од оптоварени дијалози и нон сенс варијабили, актерите го даваат својот максимум. Од онаа естетика на грдото до крајната софистицираност која режисерот ја користи за да го изгради филмскиот контраст и да нè втурне во атмосферата и емоцијата што извира од интелигентните сценски решенија, го прави „Хомо“ невообичаено возбудлив филм.

Музичкиот лајтмотив, песната „Еј ти младо момче“ ( Љупчо Констатинов, изведена од групата „Индекси“), која со овој филм ќе добие нов живот, ја осветлува и ја провоцира повозрасната генерација да се соочи со контекстот на „Хомо“ кој, сакале или не, ни го покажува сиот колатерал од тридецениската општествена транзиција која го видоизмени човечкото во нас.

Иако Иванов не ги премерува ниту, пак, намерно ја толкува декаденцијата што наназад е испровоцирана од падот на моралот, вредносната скала и изложеноста на ова општество на милост и немилост од новосоздадените моќници и искривената слика на правдата и вистината, во „Хомо“ тоа е очигледно.

Мајсторската сцена во автобусот (која може да е своевиден цитат на сцената од „Буре барут“ на Паскаљевиќ) ќе остане вонвременски запаметена по експлозивната глума на Петровиќ ( проститутка на која извршители ќе и го земат домот), Коцев ( возачот, оженет за коцкарка) и Матовски ( момчето што ќе се вљуби) . Навистина плени играта на сите и главни и споредни улоги, Наташа Петровиќ, Александар Матовски Цако, Игор Ангелов, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Јордан Симонов, Славиша Каевски, Мајлинда Косумовиќ, Сергеј Димовски до сите епизодни улоги како онаа на Славиша Каевски, Камка Тоциновски, Срѓан Јаничијевиќ.

Камерата на кинематограферката Маја Радошевиќ потполно се вклопува во објективниот план на режијата успевајќи да се поистовети со сите ликови на приказната и со особено чувство за драмската содржина и нејзиниот исход. И бидејќи филмот е машина во која и најмалото шрафче има голема улога, за пофалба е сценографијата на Кирил Спасески, костимографијата на Полонца Валентинчиќ и сложена, но успешно завршената задача во монтажата на Мартин Иванов.

Продукцијата на „Скопје филм студио“ поддржана од нашата Агенција за филм обединува регионална копродукција со Србија, Косово, Бугарија и Словенија уште еднаш покажува успешна функционалност во соработката.

За жителите на Берлин секако Вендерсовиот „Небо над Берлин“ ќе остане слика на алхемискиот дух на градот додека „Хомо“ секако може тоа да биде за Скопје. Поетиката на човекот љубов е за надежта што се губи или, пак, за далекувидите почнува во перспективата на скопските улици и потсетува на стихот од Ристо Вртев „…без љубов знам ќе те проголта овој град без гордост и без срам, ќе останеш без дела за вреднување, ќе останеш без моќ и магија…“. Едно е сигурно, „Хомо“, оваа урбана филозофска драма, е достојно дело за вреднување.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата