Македонската опера и балет вечер од 18 часот на малата сцена ќе изведе новогодишна претстава за деца – „Работилницата на Дедо Мраз“ во која учествуваат оперски солисти, деца артисти и Детскиот хор на МОБ.
Режисер на претставата е Љупка Јакимовска, детскиот хор го подготви Теа Богатинова, а соработник на сценариото е Десанка Глигориевиќ.
– „Работилницата на Дедо Мраз“ е приказна во која се раскажува за изработката на играчките-подароци за децата за Нова година и брзањето на Дедо Мраз да стаса да ги разнесе до сите деца. Покрај Дедо Мраз, ќе ги видиме и Баба Мразица, Месечината, Ѕвончица, Пинокио, Балерина, Снежната кралица и многу други интересни ликови, соопшти МОБ.
Во пресрет на Новата година, Македонската опера и балет традиционално на својот репертоар поставува претстави за деца. Викендов, на 24-ти и на 25 декември од 12 часот, на големата сцена во МОБ ќе биде изведена популарната претстава „Снежана и седумте џуџуња“.
– Најблагородната публика поторно ќе може да ужива во бравурозната игра на популарните ликови: Смешко, Учо, Лутко, Спанко, Убавата принцеза Снежана, Принцот, Грдата вештерка…, информира МОБ посочувајќи дека „Снежана и седумте џуџуња“ е меѓу нивните најизведувани претстави за деца.