Промовирана книгата „Иконите на Дичо Зограф од црквите во Дебар и Мала Река“ на Сашо Цветковски

Од:

Големиот Дичо Зограф, уметникот од Тресонче, кој важи за еден од најпознатите уметници од тој вид во овој дел на Балканот, како и неговите дела, се поместени во најновото авторско дело „Иконите на Дичо Зограф од црквите во Дебар и Мала Река“ на проф. д-р. Сашо Цветкоски, што викендов беше промовирано во Охрид.

Аакадемик Цветан Грозданов во освртот за тоа најново авторско издание забележа дека може да се третира како своевиден пробив во непознати страници на македонската, балканската и европската уметност.

– Дичо е автор на повеќе од две илјади икони во Македонија, Србија, Бугарија, Грција и Албанија, рече Грозданов, сместувајќи го Дичо меѓу плејадата великани – македонски преродбеници како архитектот Андреја Дамјанов, резбарот Гарката, поетот Прличев.

Книгата открива дека делата на Дичо биле многу барани оттаму што тој како конзервативен зограф ги следи уметничките тенденции од поствизантискиот период, притоа однесувајќи се резервирано кон се она што е ново, особено кон напливот на барокната уметност што доаѓала од западните земји. Како нарачатели на негови дела се јавуваат високи црковни достоинственици, црковни одбори, но и македонската граѓанска класа.

– Малку се знае рече дека Григор Прличев имал нарачано икони од Дичо Зограф или дека едно од најугледните македонски семејства од 19 век – Робевци нарачало фрески како украс на нивната куќа од овој уметник, појасни академик Грозданов.

Самиот автор за својата книга очекува дека ќе придонесе во проучувањето на културната историја и уметноста во Дебарскиот регион, се работи за највлијателната зографска дружина од 19 век, а ова дело е само континуитет на поранешните истражувања што се однесуваат на Струшко-охридскиот регион.

– Книгата има уште поголемо значење бидеќи половина од 300 презентирани икони од црквите од мијачкиот крај веќе ги нема. Во 2013 година во Албанија се идентификувани икони кои ги оттуѓиле крадците од црквите во струшко и дебарско, а ова дело ќе биде значаен прирачник во процесот на враќање на овие уметнички дела со непроценлива вредност, рече авторот Цветковски, забележувајќи дека за помалку од една деценија се украдени околу 600 икони, поради што над 500 икони на Дичо Зограф од охридско-струшкиот и дебарско-мијачкиот крај, како и од скопско од црквите, се префрлени во галерии и депоа, надвор од дофат на крадците на уметнички дела.

Би можело да ве интересира

Иконите вратени од Албанија изложени во Музејот на Северна Македонија

Македонија ги прими 20 икони кои им припаѓаат на македонските цркви и манастири, а беа незаконски однесени во Албанија

Горан Наумовски

Костадиновска-Стојчевска и Цветковски: Чинот на реституција на иконите е историски

Ана Ололовска

Ковачевски ги враќа иконите за кои „А1он“ објави истражување: Пет години никој официјално не ги бараше

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Вредните икони украдени пред повеќе од деценија гнијат во Албанија оти Македонија ги заборави

Прва Малореканска летна школа во Тресонче

Ана Ололовска